Култура
Објавена книгата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“
„Македоника литера“ објави книга од областа на теоријата на литературата – „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска.
Во првиот дел од изданието, авторката „ја третира теоријата на романот, почнувајќи од историскиот развој до постмодерните и метафикциските парадигми. Се задржува на дефинирање на романот и неговото место во книжевната теорија, видовите и типологиите на роман, теориските дијалози со романот и на концептите на фикцијата и метафикцијата. Во вториот дел пишува за дескрипциите и моделите на македонските романи на преминот од ХХ во XXI век осврнувајќи се на македонскиот роман и неговата класификација и на дескрипцијата на македонски романи во овој период.
Во најобемниот дел од овој труд, соопшти издавачот, авторката се задржува на дескрипцијата на неколку романи: „Нишан“ од Блаже Миневски, „Скриена камера“ од Лидија Димковска, „Братот“ од Димитар Башевски, „Тунел“ од Петре М. Андреевски, „Опишувач“ од Ермис Лафазановски, „Пророкот од Дискантрија“ од Драги Михајловски и „Сестрата на Сигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски.
Авторката Марина Димитриева-Ѓорѓиевска посочува дека романот е најинтересната проза за читање затоа што „содржи доволно настани и ликови со кои како читател може во секое време да си направите дијалог, а во романот секогаш има доволно материјал за промисла и размисла“.
– Македонскиот роман ги има токму овие карактеристики и можности за дијалог. Тој е тематско-мотивски разнообразен, од женски приказни одгледани во патријархално семејство и осудени од јавноста („Тунел`) преку општествено неодговорни функционери и братска љубомора („Братот“) до потресни патишта за човечка, женска љубовна нереализираност и потиснатост под налетот на доминантниот брат („Сестрата на Сигмунд Фројд“), како и историски и верски теми завиткани во лични приказни („Пророкот од Дискантрија“), игри и дијалог со писателскиот занает и современиот свет во кој сите сè гледаат и слушаат („Скриена камера“ и „Опишувач“) или, пак, продуцираат реалност, која е лажна и постои само во свеста на ликот („Нишан“). Тематска разнообразност беше едниот поттик за анализа, а вториот беше разнообразноста во начинот на конструирањето на приказните. Првата деценија од веков беше само временската одредница во која сакавме да истражиме како се движи уметничкиот збор во романот. Се обидовме да покажеме чувствителност за разните автори и нивните поетики, да ги коментираме некои од слоевите во дискурсите, да ги обединиме во смисловна целина, во која постмодернистичкиот пристап им е доминантен, задржувајќи критичка дистанција и научна мерка – вели Димитриева-Ѓорѓиевска.
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска (1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна завршила и магистерски и докторски студии. Оваа книга е адаптирана верзија на нејзиниот докторски труд.
Професионалната кариера ја почнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по македонски јазик. Во моментот е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на научни трудови, прирачници и литературни дела.
јануари 13, 2026


