Култура
„Бракот на поетот“ од Шинаси – пионерското дело на турската драма за првпат објавена на македонски јазик
Првата турска драма со карактеристики на реалистичниот „западен театар“, „Бракот на поетот“ од Шинаси, за првпат е објавена во превод на македонски јазик. Делото деновиве излезе од печат во издание на „Матица македонска“, со што македонската читателска публика доби пристап до едно од клучните остварувања во историјата на турската драмска книжевност.
„Бракот на поетот“ се смета за пионерско дело на турската драма и означува премин од традиционалниот импровизациски театар кон театар со јасно структуриран драмски текст. Комедијата – едночинка за првпат била објавена како фељтон во весникот „Tercüman-i ahval“ во 1860 година, а подоцна, по смртта на авторот, и како книга, отпечатена во Солун.
Делото претставува комедија на обичаите и моралните норми во општеството, со фокус на критиката на договорените бракови. Напишано е во едноставен и природен разговорен стил, со реалистични ликови кои ја отсликуваат општествената структура на периодот. Дијалогот е исполнет со вербален хумор, игра на зборови и намерни говорни грешки, а во текстот е видливо и силното влијание на класичниот француски театар, особено на Молиер.
Иако често се споменува дека драмата била нарачана од турскиот султан за изведба во театарот на палатата Долмабахче, нема потврдени податоци дека таа навистина била поставена таму. Преводот на македонски јазик го изработи Мелахат Алиевска.
Шинаси е значајна фигура во турската култура не само како драматург, туку и како предводник на движењето за европеизација. Тој е основач на првиот независен турски весник, прв објавил книга со преводи на француска поезија на турски јазик и со своето творештво извршил силно влијание врз развојот на турската книжевност.
декември 27, 2025


