Култура
„Магичниот македонски триаголник“ – омаж на Прличев, Миладинов и Чинго во Софија
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа едно историски значајно и научно предавање, односно Првото македонистичко предавање насловено „Магичниот македонски триаголник“. Настанот беше посветен на тројцата великани на македонската книжевност – Григор Прличев, Константин Миладинов и Живко Чинго, по повод 195 години од раѓањето на Прличев и Миладинов и 90 години од раѓањето на Чинго. Вечерта беше празнична посвета на македонскиот јазик, книжевност и културна самобитност, исполнета со емоција, достоинство и љубов кон словото.
Настанот го отвори македонската амбасадорката Агнеза Руси-Поповска, која ги поздрави присутните дипломати, претставници на културните институции, студенти и љубители на македонската култура.

Директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, Зоран Пејковски ја истакна симболиката на ова предавање – како чин на почит, но и како почеток на нова практика на културни и академски средби, преку кои македонскиот јазик и книжевност ќе заземаат заслужено место во културниот дијалог на Балканот.
Како што информираат од Македонскиот културно-информативен центар во Софија, „Магичниот македонски триаголник“ ги обединува тројцата автори кои ја обликуваа нашата книжевна оска низ времето – Прличев со својата визионерска борба за достоинство, Миладинов со поетската т’га и љубов кон јазикот и Чинго со човечноста и симболизмот на современата проза. Тие се три светилници кои го осветлуваат патот на македонскиот дух, три точки што ја држат живата геометрија на нашата културна меморија.
Главниот беседник на вечерта беше проф. д-р Димитар Пандев, еден од најистакнатите македонисти, универзитетски професор, книжевен критичар, писател и истражувач на македонската литература. Со својот голем авторитет и длабочина на знаење, проф. Пандев ги постави во меѓусебна поврзаност тројцата писатели, како подлога на македонскиот книжевен и национален континуитет.

Тој истакна дека Прличев, Миладинов и Чинго имаат заедничко потекло во Охридското книжевно наследство, но дека секој од нив се развил во оригинален книжевен профил. Од школата на Димитрија Миладинов произлегла Охридската школа на македонската преродба, додека Живко Чинго, прв професор по македонски јазик и литература во Охридската учителска школа, го продолжил патот на современото книжевно образование.
Проф. Пандев ја нагласи нивната фолклорна заинтереснираност: Миладинов е еден од првите научници фолклористи, Прличев е претходник на македонската учителско-револуционерна поезија, а Чинго е професионален фолклорист, извесно време вработен во Институтот за фолклор. Сите тројца биле и критичари на своето време: Прличев ја критикувал европската поразија, Миладинов унијатството, а Чинго социјализмот и колективизмот. Тие се полиграфи и полистилисти – поети, филолози, преведувачи, раскажувачи, романсиери и драмски автори, чие дело продолжува да живее и инспирира.
Во неговото излагање проф. Пандев го објасни „магичниот триаголник“ на македонската книжевност: од светот на магичните ритуали и народната поезија кај Миладинов и Прличев до магичниот реализам на Чинго. Миладинов, со преминот од ритуална во љубовна поезија, ја создава основата на литературниот јазик преку дијалектни и поетички вкрстувања. Прличев, инспириран од охридската граѓанска и трубадурска поезија, преку своето творештво го артикулира духовното непокорство на својот народ. Чинго, пак, создава мал универзум на човечност, метафора и современа сензибилност, во кој зборот станува и маченик и спасител.

Предавањето беше надополнето со читање на избрани стихови и прозни извадоци, кои ја оживеале топлината и човечноста на зборот. Публиката ја почувствува длабочината на секој од трите автори и значењето на нивното дело за македонската културна меморија. Во дискусијата, присутните истакнаа дека вакви настани ја афирмираат македонската култура и ја зацврстуваат нејзината видливост на европската и балканската културна сцена.
На крајот, беше потврдено дека „Магичниот македонски триаголник“ е симбол на трајноста на македонскиот дух – три имиња, три гласови, три епохи кои ја испишале истата приказна за љубовта кон родното, кон зборот и кон човекот.
Настанот заврши во пријателска и топла атмосфера, со разговори, и искрена гордост што од Софија започнува нова традиција, серија македонистички предавања кои ќе ја продлабочат соработката и разбирањето меѓу народите преку јазикот и уметноста.
Со овој настан, Македонскиот културно-информативен центар уште еднаш ја потврдува својата мисија – да биде чувар и промотор на македонскиот културен идентитет, простор за дијалог, култура и пријателство и да го афирмира македонскиот јазик како жив, современ и универзален израз на духовноста.
октомври 28, 2025

