Connect with us

Култура

Објавен „Речник на синоними во македонскиот јазик“ од д-р Толе Белчев и д-р Снежана Веновска-Антевска

Во издание на „Бата прес“, со поддршка од Министерството за култура, објавено е ново лексикографско дело – „Речник на синоними во македонскиот јазик“, авторство на д-р Толе Белчев и покојната универзитетска професорка д-р Снежана Веновска-Антевска.

Овој речник, кој е дел од Националната програма за издаваштво за 2025 година, претставува значаен придонес во македонската лексикографија. Содржи 548 страници со речнички текст, предговор, список на скратеници и користена литература, а клучниот дел опфаќа 19.365 заглавни зборови, систематизирани по азбучен ред.

-Станува збор за лексикографски труд кој бездруго влегува во богатото семејство на македонски лексикографски трудови создавани во долг временски период, наведуваат авторите во предговорот, потсетувајќи на историски дела како речникот на Константин Миладинов, четиријазичникот на Ѓорѓија Пулевски и тритомниот речник под редакција на Блаже Конески.

Особеност на новиот речник е обработката на синонимите преку асоцијативен модел, со што се овозможува поврзување на поимите со нивните фигуративни и метафорични значења.

Рецензентот на делото, проф. д-р Максим Каранфиловски, го оценува трудот како „пионерски потфат во македонската лексикографија и лексикологија“, нагласувајќи дека вакви изданија се реткост во македонскиот јазичен простор.

„Бата прес“ и претходно има објавено значајни лексикографски изданија, меѓу кои „Правописно-нормативен речник на македонскиот стандарден јазик“, „Речник на туѓи зборови во македонскиот јазик“, „Полско-македонски разговорник“ и други.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 2
Маркетинг