Connect with us

Свет

Во Германија уапсен украински државјанин под сомнение за шпионажа во корист на Русија

Украински државјанин осомничен за шпионажа во корист на Русија е уапсен во германската покраина Бранденбург, соопштија денеска германските федерални обвинители.

Осомничениот, идентификуван како Вадим Е., најмалку од јули минатата година одржувал контакти со руските разузнавачки служби преку посредник. Тој собирал доверливи информации поврзани со одбраната, вклучително и податоци за производството на оклопни возила, муниција и експлозиви, како и информации за припадници на војската и воени објекти на локации што служат за зајакнување на источното крило на НАТО, наведуваат од обвинителството.

Дел од собраните информации биле од отворени извори, но други биле добиени директно од вработени во европската одбранбена индустрија. Осомничениот утре ќе биде изведен пред истражен судија во Сојузниот суд, кој треба да одлучи дали ќе му биде одреден притвор.

За случајот, за кој првично известија германските медиуми, се огласи и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој за време на посетата на Црна Гора изјави дека не е изненаден од апсењето на уште еден руски шпион и предупреди дека ќе има и други вакви случаи.

– Германија е цел на интензивни шпионски активности. Во таа смисла, фактот што овој случај беше откриен денеска претставува успех. Сепак, да не се залажуваме: активностите на руските разузнавачки служби во Германија и понатаму се на постојано високо ниво – нагласи Мерц на прес-конференција.

Апсењето се случува во време кога Германија, како најголем снабдувач на Украина со воена помош, е во состојба на зголемена готовност поради засилените саботажни и шпионски активности што ѝ се припишуваат на Русија. Од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, во Германија повеќепати беа уапсени лица осомничени за шпионажа во корист на Москва. Во август годинава, во близина на украински товарен авион на аеродромот во Лајпциг беше откриен и дрон наполнет со експлозив, за што Берлин ја обвини Русија, што Москва демантираше.

Ad
Ad