Свет
Компанијата „Палантир“ уверува дека САД не можат далечински да го исклучат воениот систем со вештачка интелигенција што го користи НАТО
Американската софтверска компанија „Палантир“ се обиде да ги увери европските земји дека нема механизам за далечинско исклучување на системот „Мејвен Смарт“ на НАТО, воен систем со вештачка интелигенција, откако прекините во сателитската услуга „Старлинк“ на Украина ги зголемија загриженостите за нејзината зависност од американските технолошки компании, објавија британските медиуми.
Украина минатата недела соопшти дека имала ограничен пристап до воената сателитска услуга „Старшилд“, која ја користи мрежата сателити „Старлинк“ на „СпејсИкс“, така што терминалите престанале да работат на брзо движечките платформи. Тоа ги отежнало задачите како што е користењето пресретнувачи на беспилотни летала за одбивање на руски напади.
Американските и украинските претставници, како и извршниот директор на „СпејсИкс“, Елон Маск, понудија спротивставени објаснувања за прекинот. Украинските и европските претставници изјавија дека се сомневаат во политички мотив, бидејќи ограничувањето беше воведено откако американскиот претседател Доналд Трамп побара Украина да престане да ги напаѓа руските рафинерии за нафта.
Сомневањата предизвикаа загриженост кај европските креатори на политики дека континентот е премногу зависен од американската одбранбена технологија што би можела да биде прекината, ограничувајќи ја неговата способност да се одбрани.
Луис Мозли, извршен потпретседател на „Палантир“ за Велика Британија и Европа, во вторникот за Ројтерс изјави дека ниту компанијата, ниту американската влада, не можат да ја затворат платформата за вештачка интелигенција „Мејвен Смарт Систем“ (Maven Smart System), која ја користат воената команда на НАТО и неколку европски војски.
„Она што го видовме во вестите во последните неколку дена во врска со „Стралинк“ е исклучително загрижувачко“, рече Мозли во интервју во Брисел. „Но, кога станува збор за ’Палантир’, можам да ве уверам дека клиентите кои го купиле нашиот софтвер имаат целосна оперативна контрола врз него“, рече тој.
„Нема механизми за далечинско исклучување. Ниту ’Палантир’, ниту американската влада, не можат да интервенираат и да го исклучат“, додаде Мозли.
Системот „Мејвен“ обработува огромни количества податоци од сателити, радари и други сензори за да им даде на воените команданти целосна слика за бојното поле и да го забрза донесувањето одлуки.
НАТО го купи „Мејвен“ за Врховната команда на сојузничките сили на Европа во 2025 година и во јуни оваа година објави дека системот достигнал „целосна техничка оперативна подготвеност“.
Меѓутоа, некои европски членки на НАТО, вклучувајќи ги Германија и Франција, не го имплементираа „Maven“ во своите вооружени сили, поради загриженост за зависноста од американска компанија поради честите тензии меѓу Трамп и европските лидери.
Шефот на германската кибер команда во април ја отфрли можноста земјата да го купи „Мејвен“, велејќи дека е „незамисливо“ вработените во приватна компанија да имаат пристап до воената база на податоци на земјата.
Мозли рече дека одлуката за тоа дали вработените во „Палантир“ ќе бидат вклучени во работењето на системот е со „целосно дискреционо право на клиентот“. Тој рече дека тие вработени ќе бидат државјани на соодветната земја и ќе имаат потребна дозвола за пристап до класифицирани информации.
„Системот апсолутно може да работи независно од нас. Имаме многу клиенти низ целиот свет – и во војската и во корпоративниот сектор – кои го прават токму тоа“, додаде тој.
октомври 22, 2026


