Свет
Трамп го пофали Путин за ослободувањето американски државјанин без размена на затвореници
Американскиот претседател Доналд Трамп го пофали рускиот претседател Владимир Путин за ослободувањето на американскиот државјанин Стивен Хабард, кој беше затворен во Русија под обвинение дека се борел на страната на украинските сили, нагласувајќи дека Вашингтон не морал да даде ништо за возврат, пренесе ДПА.
„За ова ослободување не беше потребна никаква ‘размена’“, напиша Трамп денеска на својата платформа „Трут соушл“, опишувајќи го потегот како „невидена ситуација за Русија“. Американскиот претседател истакна дека лично побарал ослободување на Хабард за време на телефонскиот разговор со Путин минатата недела. „Стивен е на пат кон дома и наскоро ќе биде со своето семејство“, додаде Трамп, упатувајќи критики до администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден дека не успеала да го обезбеди неговото ослободување.
Путин го објави ослободувањето за време на разговорите со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф денеска во Санкт Петербург, наведувајќи дека Хабард веќе се наоѓа на градскиот аеродром, додека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека тој бил ослободен од хуманитарни причини. Специјалниот пратеник Виткоф му се заблагодари на Путин за потегот, истикнувајќи дека семејството на Хабард и американскиот народ се задоволни од развојот на настаните.
Хабард во 2024 година беше осуден на долга затворска казна под обвинение дека служел како платеник во редовите на украинските сили во борбите против руските трупи. Претходно, во август, Путин ослободи уште еден американски затвореник — поранешниот војник Роберт Гилман, исто така без да побара за возврат ослободување на руски државјанин, со што отстапи од вообичаената практика на размена на затвореници.
октомври 22, 2026


