Вести
Колумна на Марјан Ѓорчев: Подемот на етницитетот детерминиран од глобалната политичка доктрина и постмодернизмот
ЗА ЕТНИЦИТЕТОТ И НАЦИЈАТА
Етницитетот семантички означува облик на културен идентитет на длабоко емоционално ниво. Етничката култура има вредности,традиција и пракса,но,онаа што е најважно-таа на луѓето им овозможува чувство на зеднички идентитет и посебност,обично фокусирајќи се на нивното потекло и заедничките претци. Во совремието се водат постојани дебати за изнаоѓање праведен и функционален однос меѓу конститутивниот народ како суверен на една државна територија, версус правата на етничките малцински групи коишто живеат на таа иста територија.
Поимот нација како субстрат на сувереноста на една модерна европска национална држава и поимот етничка група се појмовно и толковно противречни. Нацијата е отворена за пристапување ( по пат на здобивање сo државјанство и граѓански статус) и политички одредена со дефинирана територија и државен апарат. Етничката група нема стандарден облик и варира во зависност од нејзината бројност и населеност во одредени региони од одделни држави. Етничката група е во основа затворен културен идентитет (не можете да и се придружите на етничка група,може само да и припаѓате)!!
ОДНОСОТ МЕЃУ МУЛТИКУЛТУРАЛИЗМОТ И НАЦИОНАЛНАТА ИДЕЈА
Слабеењето на современата држава не се должи само на глобалната политичка доктрина како модерна идеолошка парадигма,политичка пракса и акција,туку исто така е делумно потикнат и со политиката на етничка лојалност и регионален идентитет. Подемот на етничката лојалност кон крајот на дваесетиот век може да се спореди со националните движења во деветнаесетиот век и веројатно ќе има исти далекусежни последици. Националната идеја доведе до создавање на нациите во определени државни ентитети и уништување на монархистичките и династички мулти-национални империи како што беа Австро-Унгарската и Османлиската империја. Долгорочно анализирано етничката лојалност го доведува во прашање опстанокот на нациите,оособено помалите нации во слаби држави и во тие држави националната политика несомнено од причина за свој натамошен опстанок ќе гравитира кон мултикултурализам.
Националната политика ја вградува колективната меморија на населението во историски и државотворен контекст,ги јакне општествените врски и колективниот дух. Политиката на мултикултура ги нагласува “степените на културната различност и разликите во идентитетите” во голем број на современи држави. Оваа различност може да биде поврзана со припадност на општествена класа,пол или сексуалност. Во таа смисла,мултикултурата во основа ги потенцира културните различности и се потпира на раса,вера,етницитет или јазик.
Односот меѓу мултикултурната политика и националната идеја е сложен. Либералните и анти-колонијални национализми се одликуваат со национални традиции којшто гравитираат кон мултикултурна политика,затоа што застапуваат отворен модел на нацијата како политичка односно граѓанска појава на јасно изразена народна воља за своја држава. Оние држави коишто ја третираат нацијата како органски или примарен производ на културата,го нагласуваат етничкиот карактер на нацијата и националниот подем го толкуваат како природен процес на државотворно себепотврдување на етничката димензија. Во тој контекст нациите се делат на примарни или органски нации-производ на културата и политички или граѓански нации коишто се создаваат кога објективните општествени услови дозволуваат формирање на политички ентитет! Политичкиот ентитет го овозможува самоопределувањето на конститутивниот народ како природен процес и верификација на сувернитетот на една држава!! Така ја создадоа Италија Гарибалди и Мацини. Изјавата на Мацини e sine qua non за настанакот на сите европски нации во 19-от век:”…Конечно ја создадовме Италија,сега треба да ги создадеме италијанците…”!!.
Во таа смисла независно дали се определуваме за научните теории кои тврдат дека нациите ги создаваат национализмите,или ги почитуваме ставовите којшто тврдат дека национализмите ги создаваат нациите нациите,национализмите можат да бидат конзервативни и милитантни или да имаат либерална и политичка основаност. Припадниците на либералната идеја за нацијата помалку ги поврзува единствената култура, а повеќе заедничкото државјанство и граѓанската лојалност. Се додека националниот идентитет почива на граѓанската односно политичката лојалност,има надеж за опстанокот на државните творби во совремието,иако притисокот на глобалистичката политичка доктрина е огромен!!
СЛАБОСТИТЕ НА МУЛТИКУЛТУРНИТЕ ОПШТЕСТВА
Мултикултурните општества се поделени и се карактеризираат со судири,недоверба и непочитување. Но,тоа не е само последица на нетолерантност, незнаење или општествена и економска нееднаквост,туку едноставно тоа е продукт на социјалната психологија. Современата либерална граѓанска доктрина наметнува таков социо-психолошки амбиент којшто инсистира на индивидуалните човекови права како примарен кодекс на живеењето. Тоа не значи по автоматизам да се запостават државничките обврски и моралните должности што секој човек којшто има државјанство на една држава треба да ги исполнува-да ги плаќа јавните комунални услуги,да го почитува фискалниот систем на државата,да не го нарушува јавното добро и да ги почитува државничките атрибути-знаме,химна,грб!! Во зависност од степенот на политичката култура на поединецот и одделните општествени класи, ќе се почитуваат или нема да се почитуваат институциите на државата!! Огромно влијание на односот кон државните институции има дијалектичкото единство меѓу природните својства на секое човечко битие и неговата припадност кон одредена општествена класа или етничка група. Иако луѓето се природни суштества коишто поседуваат индивидуална физичка и ментална структура, тие се и културно моделирани бидејќи на нивниот начин на размислување,однесување и начин на живот влијаат етничките групи на кои припаѓаат.
Појавата на етничката и регионална политика не можат да се објаснат само со структурна нееднаквост во материјалниот развој и поделбата на развиен центар и заостаната периферија. Зошто етничките идентитети станаа толку значајни кон крајот на дваесетиот век,кога неправдите меѓу оделни народи и етнички групи постоеле со генерации,а можеби и векови. Појавата на “постмодернизмот” како феномен на либералната граѓанска демократија,на своевиден начин дава одговор за развојот на етничката политика. Како што се тврди во науката дека националната идеја била историска нужност и извор на културното и државничко единство во манифактурните индустриски општества од 19 век,така етничката свест е можеби неопходната обединувачка сила во современите “постмодерни општестава”. Опсесијата на поединецот со неговите индивидуални права и граѓански слободи и запоставувањето на моралните обврски кон државната заедница чиј што член е тој поединец,ја слабее граѓанската лојалност и одговорност кон јавните добра,со што се нарушуваат и односите меѓу луѓето коишто изградиле граѓанска свест. Оваа особено се однесува на втората и третата генерација во семејството-синови,ќерки,внуци,чиј што индивидуализам најпрво ја разбива семејната традиција и кохезија,а причински-последично ја разградува и државата како политички ентитет. Кога е загрозен државниот ентитет луѓето бараат сигурност во етничката политика. Отука,подемот на етничката политика е детерминиран и со способноста на етницитетот да создаде чувство на органски-изворен идентитет,што е посилен кохезионен фактор од државјанството и односите меѓу луѓето со граѓанска свест.
“Постмодернизам” во современото капиталистичко опшетство означува постоење на плуралистичко и фрагментирано потрошувачко општество,во кое поединците од производители се претвараат во потрошувачи,а индивидуализмот,личната слобода и права се примарни,при што важна има и етничката лојалност. Постмодернизмот тврди дека не постои онаа што се нарекува даденост-идејата за опстанок на современата држава треба да се отфрли како арогантна измама?! Во основа постмодернизмот е државнички “антифундаментален”,нагласокот е на наративот,расправата и демократијата.
МАКЕДОНСКАТА УНИТАРНА ДРЖАВА ИСПРАВЕНА ПРЕД ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ПОСТМОДЕРНИЗМОТ
Сите придобивки во меѓуетничкиот живот во нашата држава според мене треба да се подведат под терминот-унапредување и грижа за културната разнообразност во Македонија. Етничката димензија-секоја човечка индивидуа одделно,воопшто секој еден етнички колективитет во Македонија е основното културно богатство кое само ја облагородува суштината на македонската држава. Почитувањето на културната различност ќе и даде атрибут на македонската држава на граѓанска цивилизациска творба,иманентна на модерниот либерален граѓански поредок којшто го прифаќа начелно мултикултурализмот. Македонскиот контекст е етницитетот да биде изразен само како култура,а државата да има решавачка улога во исполнување на културолошките содржини на нашите животи.
Поради сите наведени причини,условени сме за опстанокот и развојот на државата да се обединиме околу македонскиот Устав. Граѓанската димензија на македонската држава треба да има предност пред определбата да бидеме држава на етнички колективитети. Во соседството имаме различни манифестации на државотворност. Албанија е пример за национална држава. Албанскиот народ јасно ја потврди својата определеност за државотворен суверенитет и самоопределување на албанците како национален субстрат на албанската држава. Сосема е природно албанската етничка заедница во Македонија да биде во органска врска со својата матица во Албанија. Тоа е суштината на добрососедските односи. Но,тоа не смее да значи и негација на македонската нација и деградација на македонскиот национален субстрат на ниво на етничка заедница?! Косово е втор пример кадешто албанците коишто живеат на територијата на државата се национален субстрат на косовската држава. Албанија и Косово имаат свој пат на државничко конституирање и создавање нционален субстрат којшто го одразува суверенитетот на тие држави.
Македонската држава има свој сопствен револуционерен и еволутивен пат во текот на своето формирање и развој. Анти-фашистичка борба против силите на Третиот рајх присутни на територијата на тогашна Вардарска Македонија и анти-колонијалната борба против српскиот колонијализам за време на кралството Југославија,се темелите на македонската борба за национално,социјално и државничко себепотврдување!! АСНОМ е логична последица на успешно финале на револуционерната борба на македонците за своја држава. Македонскиот народ на Заседанието на Асном јасно ја изрази својата воља за создавање на слободна и независна дежава чиј што столб е конститутивната македонска нација, заедно со сите други делови од народи (народности или национални малцинства) коишто живеат на географската територија на државата. Така што македонската нација не смее да биде третирана од било кого во државата и надвор како мнозинска заедница еднаква со малцинските етнички заедници во Р.Македонија.
ЗАКЛУЧОК
Почитување на правата и граѓанските слободи на малцинските етнички заедници е уредено во нашата држава со одредбите на македонскиот Устав. Клучно прашање е дали унитарната македонска држава дава доволен простор за задоволување на сите граѓански и политички цели на малцинските популации во Македонија. Кога поради уставните измени за промена на името од преамбулата на Уставот се избриша АСНОМ,престана потребата за постоење на уставна преамбула којашто дефакто е само хронологија за постанокот на македонската држава. Без АСНОМ во Уставот нема потреба повеќе од никаква хронологија! Што ни преостанува? Да се определиме како ќе го разрешиме спорот меѓу конститутивниот македонски народ и деловите од други народи-малцински заедници, коишто живеат на дефинираната македонска државна територија.
Дали граѓанскиот модел е решение?! Да,но и во тој случај кога граѓаните ќе бидат носители на државниот суверенитет ќе мора да се разрешат многубројни дилеми меѓу граѓаните-македонци по род коишто биле носители на суверенитетот до новиот Устав и националните малцинства во државата коишто имаат свои матични национални држави-Албанија,Србија,Турција и кадешто носители на суверенитетот се нивните органски нации. Македонските граѓани ќе мора да го вреднуваат македонското државјанство и граѓанскиот статус пред етничкиот статус!! Етничката политика мора да се дистанцира од државничкиот дискурс и да биде само дел од македонската култура. Државјанството и граѓанската лојалност треба да бидат амалгамот што ќе обезбедува одржлив развој на македонската држава! Дали сме подготвени да ја искористиме таа можност?! На тоа прашање не му е дојден редот да биде одговорено.
Автор: Марјан Ѓорчев
октомври 21, 2026


