Connect with us

Регион

Остар протест од Белград до Мецола: Брнабиќ тврди дека набљудувачите од ЕП доаѓаат со однапред донесени заклучоци

Претседателката на српскиот парламент и вршителка на должноста претседател на Србија, Ана Брнабиќ, упати писмо до претседателката на Европскиот парламент (ЕП), Роберта Мецола, во кое изразува остар протест поради составот на делегацијата на ЕП што од 22 до 26 октомври ќе ги набљудува парламентарните избори во Србија, а посебно поради именувањето на Андреас Шидер за нејзин шеф.

Во писмото, Брнабиќ наведува дека јавните настапи на неколку членови на делегацијата во минатото ја покажуваат нивната целосна политичка пристрасност, што, како што посочува, е во спротивност со сите меѓународни документи и насоки на Европската Унија. Според неа, именувањето на Шидер ја прекршува и точката 6 од Декларацијата за принципите на меѓународното набљудување на изборите, според која никој со политички судир на интереси не треба да биде член на мисијата.

„Изборот на лица кои постојано изнесуваат исклучително негативни оценки за властите во Србија, а некои од нив јавно изразуваат очекување за нивно отстранување од власт и поддршка за други учесници на изборите, јасно покажува дека тие доаѓаат во Србија со однапред формирани заклучоци“, нагласува Брнабиќ. Таа додава дека целта на ваквата делегација е директно да му се помогне на еден од учесниците на изборите, односно на „Студентската листа“.

Брнабиќ потенцира дека Андреас Шидер, како набљудувач на изборите во Србија во декември 2023 година, отворено го прекршил Кодексот на однесување на меѓународните набљудувачи. Иако немал никакви забелешки во официјалните записници од избирачките места, тој подоцна јавно зборувал за фиктивни гласачи и купување гласови. „Особено е неверојатно што, откако г. Шидер очигледно ги прекрши одредбите на Кодексот, на што ви укажавме тогаш, тој беше унапреден и именуван за шеф на набљудувачката мисија“, наведува таа во писмото.

Поканата од Брнабиќ до Европскиот парламент за формирање делегација што ќе ги набљудува предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври беше испратена дури по истекот на предвидениот рок, што претходно предизвика остри критики од страна на српската опозиција.

Ad
Ad