Connect with us

Вести

Се истражуваат причините за промената на исказот на сведокот во предметот „Државна лотарија“, вели обвинителот Коцев

Јавното обвинителство ги истражува причините за промената на исказот на сведок во предметот „Државна лотарија“, но засега нема конкретни сознанија дека тој бил подложен на влијание – изјави денеска јавниот обвинител Даниел Коцев, кој го води предметот.

Коцев појасни дека сведокот претходно имал својство на осомничен во предистражната постапка во рамките на кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, која опфаќа повеќе постапки, меѓу кои и набавката на апаратите за видеолотарија (ВЛТ).

– Тој беше испитан во Обвинителството како осомничен, а потоа беше предложен како сведок во предметот за набавката на ВЛТ-апаратите. Од причини што нему му се познати одлучи да го промени исказот што го даде во Обвинителството. Во овој момент немаме сознанија дека на каков било начин бил подложен на влијание. Го истражуваме тој дел и преземаме дејства во таа насока, но засега немаме ништо конкретно што би можеле да откриеме – рече Коцев.

Јавниот обвинител потврди дека против сведокот сè уште се води предистражна постапка бидејќи е опфатен со кривичната пријава поднесена од МВР.

Во однос на досегашните искази на сведоците, Коцев не се согласи со оценките дека сведоците што ги предлага Обвинителството не придонесуваат за расветлување на предметот. Посочи дека вториот сведок изнел неколку клучни поенти, кои, според Обвинителството, одат во прилог на тезата на одбраната.

– Ова е предмет што, генерално, се заснова на материјални докази. Сепак, сведоците даваат дополнителен контекст на овие материјални докази. Вториот сведок изнесе неколку клучни поенти што, според нашите согледувања, одат во прилог на тезата на одбраната. Затоа видов наслови во некои медиуми дека вториот сведок не кажал ништо, но не се согласуваме со таквата оценка – изјави Коцев.

Обвинителството, додаде, не е задоволно од начинот на кој се одвивало испитувањето на сведокот бидејќи морало да го испитува вкрстено.

На прашањето дали текот на постапката укажува дека Обвинителството ја губи контролата врз предметот, Коцев одговори дека не смета така повторувајќи дека обвинението, генерално, се заснова на материјални докази.

Во врска со сомнежите дека можеби има влијание врз сведоците, вклучително и поради доцното известување за испитувањата, Коцев рече дека во овој момент може само да се шпекулира бидејќи Обвинителството нема информации за такво нешто.

– Секогаш кога сведокот ќе го промени исказот, се истражува причината за промената – нагласи Коцев.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети претходно се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Судењето продолжува на 20 октомври. 

Ad
Ad