Connect with us

Регион

Албански институции добиле закани за бомби; според првичните информации, пораката била испратена од Саудиска Арабија

Неколку албански институции денеска добиле електронска порака со закани за поставени експлозивни направи и за терористички напади, соопшти албанската полиција, посочувајќи дека, според првичните информации, е-пораката била испратена од електронска адреса на образовна институција во Саудиска Арабија.

Во официјалното соопштение се наведува дека денешната порака е слична на пораките од претходни случаи, кога закани од ваков вид биле испраќани од компромитирани електронски адреси на студенти од странски образовни институции. Надлежните полициски служби продолжуваат да ги проверуваат потеклото и автентичноста на пораката, како и да работат на идентификување на нејзините испраќачи.

Заканите со бомби доаѓаат во време кога во Албанија продолжуваат протестите, кои траат веќе седми ден. Демонстрантите, предводени од студенти, започнаа кампања со барање за оставка на премиерот Еди Рама, обвинувајќи ги властите за корупција и занемарување на образованието. Нивните демонстрации следуваат по повеќемесечни мирни протести против продажбата на дел од албанското крајбрежје за изградба на туристички комплекс поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Студентските протести беа проследени со судири со полицијата, при што демонстрантите запалија владини згради и банки и предизвикаа штета на јавен и приватен имот. Според албанските медиуми, денеска протести се одржуваат не само во Тирана, туку и во други албански градови – Лежа, Мирдита, Милот, Скадар, Елбасан и Валона. На некои места делумно се бојкотира наставата, а регистрирани се и напади врз институции.

Албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Демо соопшти дека досега во протестите биле повредени вкупно 295 лица, меѓу кои и 186 припадници на полициските сили.

Вчера албанскиот премиер Еди Рама ги обвини Русија, Иран, крајнолевичарското движење „Антифа“, политичките и верските екстремисти, како и лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, дека се дел од сложена мрежа на влијание што ги поттикнува протестите во земјата со цел предизвикување насилство и ширење дезинформации.

Во меѓувреме, пратеничката Марјана Кочеку, која ја напушти пратеничката група на Социјалистичката партија и сега дејствува како независна пратеничка, испрати отворено писмо до дипломатите во кое изразува загриженост поради, како што наведе, прекумерната употреба на сила од страна на полицијата, тепањето демонстранти додека лежат на земја и несоодветниот третман на приведените лица, објави „Еуроњуз Албанија“.

Писмото е испратено до делегациите на Европската Унија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Тирана, Амбасадата на САД во Албанија, Канцеларијата на Советот на Европа во Тирана, постојаниот координатор на Обединетите нации, како и до шефовите на дипломатските мисии акредитирани во земјата. Во документот се изразува загриженост и поради наводите за кршење на правата на лицата одведени во полициските станици.

Ad
Ad