Свет
Вајдел: АфД на федералните избори ќе освои 40 проценти од гласовите
Еден ден по победата на Алтернатива за Германија (АфД) во Саксонија-Анхалт, копретседателката на АфД, Алис Вајдел истакна дека нејзината партија на следните национални избори ќе освои 40 проценти од гласовите.
Таа додаде дека очекува АфД да се појави како најсилна партија со јасен мандат за формирање влада на следните федерални избори, што треба да се одржат до 2029 година.
– Конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц, кои ја предводат сегашната влада во Берлин, никогаш повеќе нема да можат да победат на федерални избори. Тоа е факт, посочи Вајдел.
Таа повикувајќи се на анкетите, наведе дека АфД има водство од речиси 10 поени на национално ниво.
– Мојата цел е значително да ја проширам таа разлика во најкраток можен рок и да ја зголемам на најмалку 40 отсто до следните федерални избори, посочи Вајдел.
Таа истакна дека Германија сака промена во политиката, а „ниту еден канцелар досега не бил толку непопуларен како Фридрих Мерц, кој стана главна пречка за просперитетниот развој на Германија.“
– Луѓето во оваа земја повеќе не сакаат да продолжат со вообичаеното работење – со нелегална миграција, отворени граници, вртоглаво зголемени стапки на криминал кај странските државјани, неуспешни депортации, катастрофална енергетска политика што води до највисоки цени на енергијата во светот и раширена деиндустријализација што го крши ’рбетот на Германија, потенцира Вајдел.
И покрај тоа што АфД освои 43,8 проценти од гласовите во Саксонија-Анхалт, што е нејзин најдобар резултат на покраински избори, ултрадесничарската партија не успеа да освои апсолутно мнозинство во покраинскиот парламент во Магдебург.
септември 7, 2026
