Свет
Извештај на СМО: Шумските пожари и топлотните бранови глобално го загрозуваат квалитетот на воздухот
Загадувањето поради сè поинтензивните шумски пожари и топлотните бранови би можело да ги поткопа и забави глобалните напори за подобрување на квалитетот на воздухот, како и можноста за заштита на човековото здравје – објави денеска метеоролошката агенција на Обединетите нации (СМО), предупредувајќи дека климатските промени го отежнуваат исполнувањето на меѓународните цели за квалитет на воздухот.
Во својот годишен извештај за квалитетот на воздухот и климата, Светската метеоролошка организација (СМО) објави дека загадувањето на воздухот и климатските промени се тесно поврзани и дека со нив треба да се соочува со координирани политики, а не изолирано. Предупреди и дека исполнувањето на упатствата на Светската здравствена организација за квалитет на воздухот ќе станува сè потешко бидејќи е поверојатно дека и во иднина ќе има екстремни шумски пожари.
Тие стануваат сè поголем извор на штетно загадување на воздухот и покрај тоа што, поради бројни нови прописи, се намалиле емисиите од индустријата и сообраќајот во многу развиени земји, стои во извештајот на СМО.
„Без разлика колку е чист вашиот град или вашиот регион… ако сте подложни на чести загадувања поради шумски пожари, тоа може негативно да влијае и на квалитетот на воздухот во тие региони“, рече за Ројтерс Лоренцо Лабрадор, научник од СМО.
Во извештајот особено се истакнува сè поголемото влијание на ситните честички, познати како PM2.5, и на приземниот озон, штетен гас во долните слоеви на атмосферата, врз порастот на респираторните и кардиоваскуларните болести.
Меѓу 2010 и 2018 година поради екстремни пожари и опасен чад речиси 100.000 дополнителни смртни случаи годишно
Студијата на која се повикува извештајот открила дека екстремните пожари и опасниот чад глобално тројно се зголемиле од деведесеттите години на минатиот век и дека веројатно придонеле за последиците – а станува збор за речиси 100.000 дополнителни смртни случаи годишно меѓу 2010 и 2018 година.
СМО повикува и на подобро следење на загадувачките супстанции и аеросолите, меѓу кои се црниот јаглерод и микропластиката. Предупредува дека нивното следење и натаму е многу лошо и покрај тоа што се широко распространети и присутни во атмосферата.
Оваа година ја обележаа екстремни горештини и разорувачки шумски пожари во бројни делови на Европа – меѓу другото во Шпанија, Франција, Грција…СМО истакнува дека екстремните горештини стануваат сè почести, поинтензивни и подолготрајни како што се загрева планетата.
Во новиот извештај се вели дека концентрациите на PM2.5 во 2025 година биле над долгорочните просеци во северна Канада, делови од Русија и западно-централна Африка поради засилена активност на пожарите, додека северозападна Шпанија била нивно жариште по огромните пожари кон крајот на летото.
Честичките што настануваат по шумските пожари особено се штетни бидејќи содржат множество отровни хемикалии, рече Лабрадор, додавајќи дека нивното вдишување може да предизвика воспаление во целиот организам, што може да резултира со развој на белодробни болести.
септември 7, 2026
