Connect with us

Свет

Студија: Пестицидите годишно предизвикуваат 400 милиони случаи на труење кај земјоделците

Меѓу 402 и 433 милиони случаи на акутно труење со пестициди се случуваат меѓу земјоделците и земјоделските работници ширум светот секоја година, покажува нова студија.

Труењето на луѓето со пестициди веќе долго време се смета за сериозен проблем за јавното здравје. И покрај глобалните напори да се намали употребата на пестициди, здравјето на милиони луѓе и понатаму е загрозено, покажува нова студија објавена во списанието „Фронтиерс ин паблик хелт“ (Frontiers in Public Health), пренесува Евроњуз.

Имајќи предвид дека светската популација на земјоделци брои околу 934 милиони луѓе, истражувачите проценуваат дека секоја година се погодени околу 46 проценти од земјоделците.

Тие предупредуваат и дека, и покрај двете децении меѓународни напори насочени кон намалување на штетните последици од употребата на пестициди, нивната глобална годишна потрошувачка од 1990 година се удвоила и во 2023 година достигнала 3,8 милиони тони.

– Повеќе не можеме да прифаќаме луѓето кои работат на нивите и ја одгледуваат нашата храна да бидат изложени на штетни пестициди и поради тоа да се разболуваат – изјави Сузан Хафманс од германскиот огранок на организацијата Мрежа за акција за пестициди (Pesticide Action Network – PAN), која го нарача извештајот.

Најпогодените земји се наоѓаат во Јужна Азија, по што следат Југоисточна Азија и Источна Африка, а Буркина Фасо бележи највисока стапка меѓу поединечните држави – речиси 84 проценти од земјоделците таму секоја година се трујат со пестициди.

Европа е единствениот голем регион во кој од 1990 година е забележан пад на потрошувачката на пестициди, што авторите им го припишуваат на строгите регулаторни мерки.

Иако благодарение на тие мерки проценетите годишни стапки на смртност останаа многу ниски – од само два смртни случаи во Западна Европа до 60 во Источна Европа – меѓу земјоделците и работниците и понатаму постои значителен број труења кои не завршуваат со смрт.

Јужна Европа е најпогодениот европски подрегион, со стапка на труење од 32 проценти и повеќе од 1,5 милиони проценети случаи годишно. Во Западна и Источна Европа стапките се значително пониски и изнесуваат околу шест проценти.

Меѓутоа, истражувачите истакнуваат дека податоците за Источна Европа се особено оскудни бидејќи во моментов е застапена само Унгарија, што укажува на можноста дека вистинските размери на проблемот во тој регион сè уште недоволно се следат.

Авторите повикуваат на итни мерки на меѓународно, национално и истражувачко ниво, вклучувајќи подобри системи за следење, поквалитетна едукација на стручњаците кои работат со тие материи и спроведување на целта на Обединетите нации за постапно укинување на исклучително опасните пестициди до 2035 година.

Тие сепак предупредуваат дека таквите мерки ги отежнува недостигот на достапни податоци, поради што е тешко да се споредуваат проценките меѓу поединечните држави и обрасците на употреба на пестициди.

– Непријавувањето на случаите и понатаму е многу раширено, што е последица на ограничениот пристап до здравствена заштита и недостигот на клиничка едукација или систем за препознавање и евидентирање на труењата со пестициди – изјави Шила Вилис од ПАН во Обединетото Кралство.

Таа додаде дека, врз основа на новите податоци, на земјоделците треба да им се овозможи пристап до побезбедни алтернативи со цел да го заштитат сопственото здравје и здравјето на своите семејства.