Connect with us

Општини

Изгаснат пожарот кој му се закани на најзначајното живеалиште на дивата коза во НП Маврово

Со енергична и брза акција, ренџерите и вработените во службата за заштита го изгаснаа пожарот кој се закануваше да го загрози едно од најзначајните живеалишта на дивата коза во националниот парк „Маврово“

Според информациите од управата на паркот, огнот кој се појавил вчера во близина на бачилото Ќирилевец, за кусо време се заканувал да се рашири на поголема површина.

– Благодарение на навремената и професионална интервенција на Службата за заштита на природата при ЈУНП „Маврово“, пожарот беше успешно локализиран и изгаснат пред да се прошири кон чувствителните природни подрачја. Ова е вториот пожар на територијата на паркот во истиот ден, што уште еднаш покажува колку е висок ризикот во овој период и колку се важни постојаната теренска присутност и брзата реакција, наведуваат од управата.

Од управата на националниот парк искажаа јавна благодарност до ренџерите и вработените од службата за заштита на природата за нивната посветеност, храброст и професионалност во услови на тешко пристапни и планински предели.

Од НП „Маврово“ упатија апел до сите посетители да бидат внимателни и одговорни.

Еден невнимателен момент може да предизвика непроценлива штета. Маврово не е само наше природно богатство, тоа е наследство што мора да го зачуваме за идните генерации, наведуваат од НП „Маврово“.