Вести
Сали од Даблин: Процесот на проширувањето мора да остане кредибилен, правичен и заснован на заслуги
Проширувањето повеќе не е само политички избор, туку геополитичка неопходност и инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа, порача првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, во обраќањето на неформалниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија, одржан во Даблин под ирското претседателство со Советот на ЕУ.
Тој нагласи дека Македонија останува цврсто посветена на европската интеграција, спроведувањето на реформите и целосното усогласување со вредностите и политиките на Европската Унија.
Сесијата посветена на проширувањето, како што посочуваат од МЕП, ги обедини министрите на земјите членки на ЕУ и претставниците на земјите кандидати и партнери, со цел да се разгледаат начините за забрзување на реформите и зајакнување на институционалните капацитети.
Осврнувајќи се на искуството на земјата во пристапниот процес, Сали оцени дека Спогодбата за стабилизација и асоцијација е еден од главните столбови на европската трансформација на државата, придонесувајќи за зајакнување на законодавството, економијата и администрацијата. Сепак, тој посочи дека главниот предизвик денес е ефективното спроведување на реформите, особено во владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата и јавната администрација.
Сали ја поздрави визијата на еврокомесарката за проширување Марта Кос за поамбициозен модел на постепена интеграција, кој ќе им овозможи на земјите кандидати постепено вклучување во политиките, програмите и делови од Единствениот пазар на ЕУ пред членството. Тој нагласи дека постепената интеграција треба да ги забрза подготовките, да донесе конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите и да ја зајакне довербата во процесот, додека крајната цел останува полноправното членство во Европската Унија.
Во овој контекст, Сали повика на покоординирана поддршка од земјите членки преку директна експертска помош, TAIEX, Твининг и подолгорочно ангажирање европски експерти во домашните институции. Тој истакна дека пристапниот процес мора да остане правичен, предвидлив и заснован на заслуги, така што резултатите и тешките политички одлуки ќе бидат проследени со конкретен напредок.
-Македонија ја избра Европа. Подготвени сме да го исполниме нашиот дел и очекуваме посветеноста, реформите и резултатите да бидат препознаени со напредок. Инвестирањето во нашите капацитети е инвестиција во идна земја членка и во посилна Европа- истакна Сали.
септември 4, 2026
