Општини
Општина Тетово ќе ја поддржи обновата на уништената зимска планинарска маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв
Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, и австрискиот амбасадор Мартин Памер ја посетија оштетената зимска планинарска маркација на патеката од Попова Шапка до Титов Врв на Шар Планина. Заедно со директорот на Националниот парк, Евзал Елмази, и другите партнери вклучени во „Проектот Славков“, меѓу кои и партнерот кој е задолжен за имплементацијата, Одржливи Авантуристички Патувања, се изврши увид во последиците од неодамнешните вандалски дејствија врз новопоставената инфраструктура за зимско обележување на планинарската патека, се вели во соопштението на Амбасадата на Австрија во Скопје.
Посетата следуваше по неодамнешните вандалски дејствија на патеката, при што беа уништени повеќе од 45 столбови од зимската маркација долж трасата, кои беа поставени од повеќе од 25 волонтери, со поддршка на Австриската амбасада, по повеќемесечна работа во тешки високопланински услови.
Уништувањето не само што предизвика материјална штета од околу 8.000 евра, туку претставува и сериозен проблем за безбедноста на планинарите во овој предел.
Први последици поради недостигот на безбедност на планинските патеки
Важноста од обновувањето на маркацијата веќе стана очигледна. Помалку од две недели по уништувањето на зимската маркација, турист од Бугарија се изгуби додека планинарел во делот каде што беа уништени столбовите, што дополнително укажува на потенцијалните ризици по безбедноста што настануваат кога инфраструктурата за планинарско обележување намерно се оштетува или отстранува.
Столбовите беа поставени првенствено со цел да се подобрат безбедноста и ориентацијата на планинарите во услови на снег, магла и намалена видливост, а нивното значење дополнително ќе се зголеми во текот на зимскиот период. Без соодветна маркација, како што покажа и случајот од минатиот викенд, долгорочно може да настанат многу повисоки трошоци за сложени спасувачки операции, во кои се вклучени повеќе надлежни институции и средства како што е полицискиот хеликоптер.
Сите партнери се посветени на санирање на штетата и унапредување на безбедноста на планинарите
Заедничката теренска посета ја потврди цврстата и едногласна позиција на сите засегнати страни, кои јасно го осудија намерното уништување на зимската планинарска маркација, како и постапките на лицата одговорни за причинетата штета. Во рамките на посетата, градоначалникот Билал Касами најави дека Општина Тетово е подготвена финансиски да ја покрие обновата на оштетените столбови од зимската маркација, во координација со Националниот парк и партнерите на „Проектот Славков“, пред почетокот на претстојната зимска сезона.
Реакцијата на овој инцидент воедно претставува јасна порака дека вандализмот врз јавната инфраструктура, особено врз планинарската инфраструктура поставена заради безбедноста на планинарите, не смее да се толерира и дека ваквите постапки во иднина ќе повлекуваат јасни последици.
Оваа заложба на Општина Тетово и на сите вклучени партнери претставува важен чекор кон целосното завршување на зимската планинарска патека Попова Шапка – Титов Врв, која ќе придонесе за зголемување на безбедноста на планините и за развој на одржливиот туризам, со позитивни ефекти врз локалниот економски развој на целиот регион на Шар Планина и неговата околина.
Јасна порака до сите партнери вклучени во овој проект
„Ја изразуваме нашата благодарност до сите институции, партнери, волонтери и поединци кои го поддржаа проектот, како и до сите оние кои и понатаму придонесуваат за заштитата и унапредувањето на планинарската инфраструктура на Шар Планина. За уништување на еден столб од планинарската маркација се потребни само неколку минути. За изградба на инфраструктурата се потребни месеци работа, соработка и посветеност – нешто од што не сме подготвени да се откажеме.“
септември 4, 2026
