Connect with us

Општини

Во Битола одбележана годишнина од бегството на политичките затвореници од фашистичкиот затвор Црн Мост

Во Битола денеска се одбележаа 82 години од бегството на политичките затвореници од Централниот областен фашистички затвор кој се наоѓал на местото викано „Црн Мост“.

По повод годишнината од бегството на политичките затвореници, на местото, каде што некогаш се наоѓал затворот, во близина на „Црн мост“, цвеќе положија и се поклонија заменик градоначалничката на Општина Битола, Марина Крстиќ, советници од Советот на Општина Битола, претставници на политички партии, како и претставници на Сојузот на борци од Битола.

Во 1944 година е регистрирано бегството на политичките затвореници од Централниот областен фашистички затвор во Битола, каде биле затворани политички затвореници од целата битолска околија. Фашистичкиот воен суд во Битола изрекол казни за над 250 учесници во Народноослободителното и антифашистичко движење, од нив над 50 биле осудени на смрт со бесење, над 20 осудени на доживотна робија, а другите на временски казни со строг затвор од една до 20 години.

Соочена со поразот на фашистичката власт, Управата на затворот, три дена пред капитулацијата на Бугарија била приморана да дозволи да се отворат затворските порти и околу 120 политички затвореници избегале од него. По бегството од затворот сите политички затвореници успешно се вклучиле во завршните операции на македонската војска за конечно ослободување од окупаторот.