Вести
Ѓорче Петров: Најголем дел од парите од Мис Стон отидоа за борба против врховизмот
Парите од една од најпознатите акции на македонското револуционерно движење не завршиле кај нејзините непосредни учесници. Откупот за американската мисионерка Мис Стон бил ставен под контрола на Организацијата, а Гоце Делчев учествувал во одлучувањето како ќе се троши. Најголемиот дел, според Ѓорче Петров, бил употребен во борбата против врховизмот.
Киднапирањето на Мис Стон и на нејзината придружничка Катерина Цилка траело речиси 6 месеци. За време на заложничката драма, Цилка родила девојче во планината, а за бебето особено се грижел четникот Стефан Мандалов-Манданата. Девојчето го добило името Елена.
Аферата завршила во февруари 1902 година со исплата на 14.500 турски лири.
Сумата била огромна. Сава Михајлов сведочел дека парите тежеле околу 80 оки, односно приближно 96 килограми.
Ѓорче Петров оставил и детален запис што се случило со златото.
Парите ги донеле Јане Сандански, Крсто Асенов и Сава Михајлов. Потоа биле поделени на помали суми и оставени кај доверливи луѓе.
Еден дел бил сокриен во Костенец Бања, а друг во Враца. Кај Страшимиров биле оставени 3.000 лири, кај Биолчев 1.000, а кај еден лекар уште 2.000.
„Ги чуваа луѓето како светиња“, запишал Ѓорче.
Парите не биле собирани одеднаш. Организацијата ги земала постепено, според потребите.
За контролата била формирана и посебна комисија. Во неа биле Гоце Делчев, Никола Малешевски, Туше Дели Иванов и, според сеќавањето на Ѓорче, Стефанов.
Комисијата решавала како да се користи делот од парите наменет за дејствување во Бугарија. Друг дел бил распределен по окрузите.
Ѓорче посебно нагласил дека непосредните учесници во акцијата не зеле награда за себе.
„Никој од директните учесници никаква награда за себе не зеде“, запишал тој.
Нивниот живот, според неговото сведоштво, продолжил со истите лишувања.
На крајот, Ѓорче прецизно наведува каде завршил најголемиот дел од откупот.
„Во најголем дел парите отидоа тука за борба против врховизмот.“
септември 3, 2026
