Connect with us

Општини

Општина Илинден: Подобри услови за учениците во ООУ „Браќа Миладиновци“

ООУ „Браќа Миладиновци“ новата учебна година ја дочека подготвено, со подобрени услови за учениците и унапредена училишна инфраструктура. Во изминатиот период беа реализирани повеќе активности насочени кон создавање современа, функционална и пријатна средина за учење.

Увид во реализираните активности изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека во училиштето се реновирани три училници и целосно е опремена просторија за продолжен дневен престој, при што со воведувањето на оваа новина, од оваа учебна година, сите основни училишта на територијата на општина Илинден обезбедуваат можност за продолжен престој на учениците.

Во рамки на активностите, дворот на централното училиште е партерно уреден со бекатон плочки, а започнати се и активности за поставување на летниковец, што ќе придонесе за создавање дополнителен простор за одмор и реализирање ученички активности.

-Покрај централното училиште, уреден е и дворот на ПООУ „Браќа Миладиновци“ во населено место Текија. Целиот простор е поплочен со бекатон плочки, со што се подобрува неговата функционалност и безбедност, а училиштето добива современ и уреден изглед, истакна градоначалникот Георгиевски.

Посетата беше дел од активностите на градоначалникот за проверка на подготвеноста на основните училишта со оглед почетокот на новата учебна година. Со подобрените услови, уредените простории и инвестициите во училишната инфраструктура, ООУ „Браќа Миладиновци“ подготвено ги пречека учениците, создавајќи пријатна и функционална средина за непречено одвивање на наставата и успешен почеток на учебната година.