Регион
Шумски пожар во близина на грчко-албанската граница во поширокиот регион на Преспа
Голем шумски пожар во непрооден и тешко пристапен дел е активен во близина на населеното место Кристалопиги во општина Преспа кај Лерин, во близина на грчко-албанската граница, а во текот на ноќта од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите на селото превентивно да се евакуираат, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот избувна вчера попладне околу 18 часот, борбата со огнената стихија траеше во текот на ноќта, а од рано утрово засилени се силите кои интервенираат и вклучени се 42 пожарникари, со два пешадиски тима и 13 возила.
Помагаат цистерни од општината, а за гаснење од воздух, ангажиран е еден хеликоптер.
Кусо пред 3 часот утрово беше испратена порака преку 112 за превентивна евакуација на оние кои се наоѓаат во поширокото подрачје на Кристалопиги, додека пак синоќа беше испратена порака со која жителите на поширокиот регион беа информирани за пожарот.
септември 3, 2026
