Connect with us

Регион

Надвор од албанскиот банкарски систем има 5,6 милијарди евра

Во Албанија  парите во оптек надвор од банкарскиот систем достигнаа 523 милијарди леки во јули, или 5,6 милијарди евра, што претставува историски рекорд.

Официјалните податоци од Централна  банка на Албанија покажуваат дека Албанија е преплавена од невиден бран на готовина во економијата, кој, покрај природниот тренд диктиран од високата неформалност, е условен и од друг фактор: интервенциите на Банката на Албанија на девизниот пазар.

Агресивната кампања на Банката на Албанија за купување евра за да се спречи слабеењето на европската валута во однос на домашниот лек  ненормално ја зголемува не само паричната маса во земјата, туку и количината на пари што циркулираат надвор од банките, објавија медиумите.

Во текот на изминатите две години, Банката купила речиси две милијарди евра, додека оваа година се очекува бројот на купувања да биде значително над минатогодишниот рекорд.

Податоци покажуваат дека од оваа сума пари,  80 проценти остануваат како депозити во системот, додека 20 проценти се појавуваат како готовина надвор од банките. Ако на ова се додаде и бројката купена во текот на оваа година, тогаш над 60 милијарди леки во готовина надвор од банките се директен резултат на политиката на Банката на Англија.

Како резултат на овие интервенции, монетарната база на земјата порасна за 17,3 проценти на годишно ниво, додека парите надвор од банките пораснаа за 16 проценти. 

Банката на Албанија се залагаше за агресивно купување евра за да се спречи слабеењето на европската валута во однос на лекот. Но, агресивните купувања на валутата веќе се материјализираат со таканаречени непожелни ефекти, наведуваат медиумите.

Прво, преплавувањето на пазарот со леки како резултат на купувањето евра ја поткопува целта за намалување на неформалноста. Второ, зголемувањето на монетарната база го поттикнува зголемувањето на цените или инфлацијата, која во моментов е над целта од три проценти на Банката на Албанија.