Свет
Туск: Пожарот во полската фабрика за беспилотни летала несомнено е саботажа
Полскиот премиер Доналд Туск денеска соопшти дека пожарот во полската фабрика за беспилотни летала „ВБ Електроникс“ во местото Скажиско-Камјена во ноќта кон понеделникот, е, без никакви сомнежи, саботажа, додека за тоа сè уште нема докази во пожарот во фабриката и магацинот „ЈФГ Композитс“ во Лублин.
– Во случајот на Скажиско-Камјена нема никакви сомнежи дека пожарот е намерно подметнат, односно дека е извршена саботажа. Во случајот на Лублин немаме такви докази, но ако го земеме предвид тоа што таму се произведува, не можеме да исклучиме дека и таму пожарот е намерно подметнат – изјави денеска Туск пред седницата на владата.
„ВБ Електроникс“ произведува дронови што ги користи и украинската војска, а „ЈФГ Композитс“ произведува компоненти за авиоиндустријата.
– Во последните часови се случија многу загрижувачки инциденти во Полска, а исто така и во Германија. Тоа е продолжение на ескалацијата од страна на Русија во целиот регион. За жал, тоа не се први, а сосема сигурно ниту последни такви настани. Постојано сме во контакт со лидерите на државите од нашиот регион – изјави Туск.
Полскиот премиер предупреди дека наредните недели нема да бидат критични само за борбите на фронтот во Украина, туку ќе бидат и голем предизвик за Полска и земјите од регионот поради плановите на Русија да ги зголеми тензиите и да го дестабилизира регионот.
– Не копнееме по судир со Русија, но изгледа дека Русија против нас води хибридна војна и мораме да му покажеме на Путин дека не дозволуваме да нè преплаши – изјави денеска за телевизијата „ТВП.инфо“ шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски по повод пожарите во полските воени фабрики.
Полскиот министер за надворешни работи изјави дека „не живееме во нормално време на мир и дека хибридната војна не се води само на интернет, туку тоа се и платени убијци, подметнување пожари, експлозии во возови или упаѓање во туѓ воздушен простор со дронови и крстосувачки ракети“.
– Нашиот сојузник, Германија, како што изгледа е нападнат во серија чинови на државен тероризам. Еден за сите, сите за еден. Полска заедно со другите сојузници ќе направи сè за да му помогне на сојузникот кој е нападнат – рече Шикорски.
Шефот на полската дипломатија побара Европската Унија дополнително да ги заостри санкциите против Русија како одговор на нападите врз Германија и другите земји, а исто така да го отежне движењето низ шенгенскиот простор за руските дипломати и да затвори дел од руските конзулати.
– Многумина акредитирани руски дипломати се активни агенти – рече Шикорски, кој престојува во Ирска на дводневниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.
септември 2, 2026
