Култура
Џеф Кроненвет, лауреат на „Специјалната златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност на „Браќа Манаки“
Лауреат на „Специјалната златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност на годинашното 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е кинематографот од САД, Џеф Кроненвет – соопшти директорот на Фестивалот, Димитрија Доксевски.
Тој истакна дека со изборот на Кроненвет се зајакнува фестивалот како центар на светската филмска уметнот.
– Во Битола доаѓа човек кој е потврда за светски квалитет, човек што прави исклучително квалитетни кадри во кинематографијата, човек што гради прецизни композиции, познат по тоа дека умешно ја користи светлината, но повеќе е познат по тоа што го користи нејзиниот одраз во сенките. Човек што во Битола ќе ја донесе атмосферата на трилерот, кој ги изработи можеби едни од најпознатите дела во филмската историја – трилерите. Човек што е близок соработник на еден од најголемите режисери на современиот филм, односно мајсторот на светлината и сенките, Дејвид Финчер. Би сакал да го најавам лауреатот на „Специјалната златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност, господинот Џеф Кроненвет, кинематограферот кој доаѓа од Америка, познат по своите филмови Fight Club, The Social Network, Gone Girl, The Girl with the Dragon Tattoo… – рече на денешната прес-конфереција директорот на Фестивалот.
Најави дека се очекува Кроненвет да биде присустен на свеченото отворање на Фестивалот на 19 септември во Битола. Тој, рече, ќе биде ценет гостин, лауреат, заедно со претходно најавениот лауреат на Фестивалот, „Специјална златна камера 300“ за животно дело, Дан Лаустен.
– Покрај нив, оваа година ќе имаме исклучителни кинематографи и гости, кои ќе учествуваат во богатата програма на ова издание како дел од панел-дискусиите и од мастер-класите – рече Доксевски.
Селекторот на главната програма на Фестивалот, Слаѓан Пенев, истакна дека на отворањето и затворањето ќе бидат прикажани два македонски филма, кои се дел од 12-те филма од главната програма „Камера 300“.
– Филмот со кој ќе го отвориме Фестивалот „Браќа Манаки“ е „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума. Филмот веќе има забележителен успех на големи филмски фестивали, а ќе биде прикажан премиерно пред македонската публика. Филмот што ќе биде прикажан на затворањето исто така ќе биде македонски. Тоа е дебитантскиот филм на Срѓан Јанаќиевиќ – „Нема да ви се верува што се случи претходно“ – рече Пенев.
Кумјана Новакова, селекторка на документарната натпреварувачка програма, рече дека таа вклучува десет филма од 16 земји.
– Од нив, дури седум наслови се филмови од оваа година, од 2026, три наслови се од 2025, а доаѓаат и од регионот, од Балканот, до Блискиот Исток, Африка, Северна Америка. Она што е карактеристично за селекцијата е дека таа не обединува околу една единствена тема, туку, напротив, се обидуваме да ја претставиме разновидноста на ликовниот израз во документарниот филм и избраните филмови, всушност, се движат помеѓу класичен документарен пристап, доку-фикција, хибридни форми, филмски есеи и на крајот – експериментални филмови – рече таа.
Додаде дека она што е формално посебна карактеристика на годинешната програма е еднаквото внимание што се посветува и на кратката форма, и на среднометражната форма, и на долгометражната форма.
Директорот на Фестивалот, Доксевски, истакна дека постојано се обидуваат да обезбедат големи имиња во кинематографијата, кои во септември ќе бидат гости во Битола, ќе одржат мастер-класи, ќе бидат дел од многубројни панел-дискусии, но и дел од жиријата.
- Она што сакам денеска да го споделам – тоа е дека поранешниот лауреат, големиот кинематографер Јануш Камински, кој ја доби наградата за животно дело во 2020 година, но, за жал, никогаш немаше можност да дојде и да присуствува во живо на Фестивалот, оваа година ќе биде наш ценет гостин на 47. издание. Тој ќе присуствува на свеченото отворање на Фестивалот и исто така ќе биде дел од програмата на која ќе се претстави со свој авторски мастер-клас – рече тој.
Гостин ќе биде и легендарниот европски кинематографер Тимо Салминен, кој оваа година исто така ќе дојде на свеченото отворање, а бил долгогодишен кинематографер на познатиот режисер Аки Каурисмаки.
Според Доксевски, доаѓа и Давид Чамбил, врвен кинематографер, добитник на „Златна камера 300“ на минатогодишното издание, годинава доаѓа во својство на жири во официјалната програма.
Марија Апчевска, селектор на краткометражната програма, истакна дека таа нуди 15 филма и, како што насочи, продолжува една важна традиција на „Браќа Манаки“ да открива нови кинематографери, но и да ги следи авторите што повторно се враќаат на Фестивалот со нови филмови.
Во рамките на студентската програма ќе бидат прикажани 14 филма од регионот, Европа, Индија и од Куба.
На претходната прес-конференција беше соопштен лауреатот на наградата „Златна камера 300“ – визуелниот гениј на Холивуд, Дан Лаустсен (Dan Laustsen).
Четириесет и седмото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола.
септември 2, 2026
