Регион
Европската комисија одобри инвестициски проект од 2,3 милијарди евра за грчките острови
Инвестициски проект на Фондот за декарбонизација на грчките острови во висина од 2,3 милијарди евра, што вклучува план за енергетска и еколошка трансформација, беше одобрен од Европската комисија и Европската инвестициска банка, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за животна средина и енергетика на Грција информираа дека конкретниот Фонд бил создаден исклучиво за Грција како единствена финансиска рамка што ги комбинира електричното поврзување на островите со развојот на чиста енергија, складирањето енергија и електромобилноста.
За електрично поврзување на Додеканезите, Кикладите и островите во североисточниот дел на Егејското море, ќе бидат одвоени 1,1 милијарда евра, за проекти поврзани со обновливи извори на енергија и складирање, со посебен акцент на поставување фотоволтаични системи во домови, хотели, ресторани, продавници, канцеларии, болници, училишта, јавни и земјоделски објекти и земјоделски површини, планирани се 977 милиони евра; 200 милиони евра се одвоени за брани и повеќенаменски акумулации, а 56 милиони евра за развој на инфраструктура за полнење електрични возила.
– Овие инвестиции значително ќе придонесат во намалувањето на јаглеродниот отпечаток на грчките острови, во зајакнувањето на нивната енергетска автономија и безбедност и забрзување на зелената транзиција на островска Грција, соопштија од Министерството за животна средина и енергетика.
Европскиот комесар за клима Вопке Хукстра ѝ честиташе на Грција за финализирањето на планот на програмата и посочи дека сега е време да се спроведе во пракса.
-Овој Фонд претставува одличен пример за тоа како треба да се користат приходите од Системот за тргување со дозволи за емисии: за финансирање чиста енергија која директно им користи на потрошувачите на грчките острови, овозможувајќи почиста, побезбедна и постабилна електрична енергија, подобри електрични интерконекции и развиена инфраструктура за полнење електрични возила, посочи еврокомесарот.
Министерот за животна средина и енергетика на Грција Ставрос Папаставру, нагласи дека одобрувањето на инвестициската програма на Фондот за декарбонизација на островите „претставува уште еден важен чекор кон енергетската транзиција на земјата“, но и дека е обезбедена уште една значајна финансиска алатка што „енергетското планирање го претвора во конкретни проекти за граѓаните“.
-Со Фондот за декарбонизација на островите исполнуваме едно основно наше ветувања: жителите на островите да ги имаат истите можности и истата енергетска безбедност како и секој граѓанин од континентална Грција. Ова е голем чекор за енергетски поавтономни и побезбедни острови, со достапна енергија за граѓаните и бизнисите, со чиста енергија од сонцето и ветерот и со подобри перспективи за развој. За нас, тоа значи енергетска демократија: ниту еден граѓанин и ниту еден остров да не заостане во енергетската транзиција, истакна Папаставру
септември 2, 2026
