Култура
Деветто издание на Меѓународната уметничка колонија „Трпејца“
Од утре до 7 септември во Трпејца ќе се одржува деветтото издание на Меѓународната уметничка колонија „Трпејца“, во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ од Охрид.
На колонијата ќе учествуваат седум уметници од Македонија и регионот – Оливета Бабиќ и Жељко Старовиќ од Добој, Даница Стојановиќ и Мина Димитријевиќ од Ниш, Демир Демироски од Минстер, како и Наташа Попоска-Карче и Ѓоко Симјаноски од Охрид.
Уметниците ќе создаваат во Трпејца, инспирирани од природата и амбиентот на туристичката населба. Во петок ќе се дружат со учениците од Подрачното основно училиште „Св. Наум Охридски“, а се предвидени и средби со мештаните и туристите.
Во изминатите осум изданија на колонијата учествувале близу 40 уметници од Македонија и регионот, а во нејзина сопственост се стотина уметнички дела, опремени и подготвени за изложбено претставување. Покровител на колонијата е Општина Охрид.
септември 2, 2026
