Општини
Во училиштата во Општина Велес започна новата школска година со намален број на ученици по паралелки
Во општинските основни училишта како и четирите средни во Велес денеска започна новата учебна 2026/27 година, според податоците од надлежните институции, воглавно со ист број на паралелки, но со помал број нa ученици споредено од лани во просек по 15-тина кај одделенијата со првачињата.
Со свечени приредби во сите основно училишта во Општина Велес им беше посакано добредојде и многу успеси на новите првачиња.
- Колку се толку се’ да ни се среќни и здрави и да нижат успеси – порачаа одделенските наставници и директорите.
Во најстарото велешко училиште и прво во Македонија, ООУ „Свети Кирил И Методиј“ добредојде на првооделенците и многу успеси им посака директорката Маја Јовановска.
Во ова велешко училиште има три паралелки со по 15 првооделенци, а до пред година- две во паралелка беа над 20, а пред десетина години и триесетина првооделенци во одделение.
Според последните официјални податоци, до средината на јуни во основните училишта во Општина Велес беа запишани 376 првачиња или 16 помалку од изминатата учебна година кога беа 392 ученика.
Како и во изминатите години Советот на Општина Велес и годинава даде согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици, а по претходно добиено позитивно мислење и согласност од надлежното Министерство за образование и наука.
септември 2, 2026
