Општини
Во Пробиштип почна учебната година за околу 1.140 основци и средношколци
Почна новата учебна 2026-2027 година за 70 првачиња во основните училишта во општина Пробиштип. Градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски денеска им посака среќен почеток на новата учебна година. Тој им порача да бидат љубопитни, храбри и истрајни и како што рече „учете, создавајте, верувајте во себе и секогаш стремете се кон нови знаења и повисоки цели“.
Тоневски во своето обраќање на наставниот кадар им посака да имаат многу енергија, трпение, посветеност и успех во нивната работа.
-Вашата улога во градењето на иднината на нашите деца е од непроценливо значење. Драги родители, бидете горди на своите деца, верувајте во нивните способности и бидете нивната најголема поддршка на секој чекор од нивното образование и растење. Нека новата учебна година донесе многу знаење, радост, успех и убави спомени за сите наши ученици- порача Тоневски.
Во основните и средните училишта во општина Пробиштип со редовна настава почнаа околу 1.140 ученици, а и оваа година Општината ги мотивира средношколците кои ќе се запишат во прва година во Општинското средно училиште. По ученик се исплаќа по 2.000 денари секој месец. Награди има и за секој успешен ученик, кој ќе покаже резултати на натпревари, како и за нивните ментори, односно наставниците.
септември 2, 2026
