Хроника
Трет случај ова лето: Двегодишно дете од кумановско село затруено со лекови
Двегодишно дете од кумановско село било донесено во Општа болница Куманово, откако било затруено со лекови, информираа, денеска од СВР Куманово. Случајот бил пријавен вчера, 31 август, во 13:25 часот, од Општата болница Куманово. Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од Општа болница Куманово информираат дека детето по укажаната медицинска помош е стабилно и сè уште е хоспитализирано на Одделот за педијатрија.
Ова е уште еден случај на труење на дете во Кумановскиот Регион во последниот период. Во август во болницата беше донесено дете затруено со бензин, додека во јули имаше регистриран случај на труење на дете со разредувач и боја. И минатата година беа регистрирани повеќе случаи на затруени деца. Дел од нив испиле средства за чистење и дезинфекција, а во други случаи децата дошле во контакт или испиле лекови.
септември 2, 2026
