Connect with us

Општини

Состојбата со депонијата „Буково“ повторно актуелна во Охрид

Проблемите со пожарите и непријатната миризба од депонијата „Буково“ повторно беа тема на дискусија на седница на Советот на Општина Охрид, при што советниците побараа забрзано решение за деценискиот проблем со депонирањето на комуналниот отпад.

Директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Сашо Најдески, на денешната седница посочи дека претпријатието се соочува со проблеми со појавата на пожари на депонијата, но дека се уште не е утврдено дали тие се подметнати или настануваат како последица на самозапалување.

Тој информира дека уште од 2022 година претпријатието презема мерки за обезбедување земја со која се покриваат жариштата на депонијата. Само годинава, како што рече, на депонијата биле донесени околу осум илјади метри кубни земја, а наскоро треба да биде потпишан и нов договор за дополнителни три до четири илјади метри кубни.

Како дополнителна мерка, Управниот одбор на ЈП „Охридски Комуналец“ донел одлука правните лица што имаат ископи и потреба од депонирање градежен шут и земја, наместо на депонијата „Мауцкер“, да го користат просторот во „Буково“ без плаќање надоместок.

Дискусијата по однос депонијата ја иницираше советничката Лидија Неданоска, со барање за расправа по однос актуелната состојба со „Буково“.

Таа укажа на интензивната непријатна миризба што во изминатите денови се чувствува во Охрид и побара Советот да разговара за можностите за забрзување на решението и дислокација на депонијата, оценувајќи дека станува збор за долгогодишен проблем за градот.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, посочи дека на седницата нема присутни претставници од надлежните институции за животна средина, Инспекторатот и Фондот, поради што не може да се отвори посебна расправа по прашањето.

Тој нагласи дека Општина Охрид презема активности во врска со депонијата Буково и дека се работи и на постапките што треба да овозможат нејзино идно дислоцирање.

Од општинските служби беше информирано дека е избран најповолниот понудувач и веќе е започната постапката за изработка на урбанистички проект. Во тек е фазата на обезбедување на потребните услови за планирање на проектот.

Паралелно со тоа, за потребите на основниот проект треба да се извршат испитувања на локацијата за да се обезбедат потребните анализи од депонијата. Тие активности требало да започнат минатата недела, но поради актуелната состојба се одложени за следната седмица.

Од Општината посочија дека, доколку има потреба, може да се организира и посебна седница на Советот или средба на која ќе учествуваат советници од власта и опозицијата, како и претставници на надлежните институции.

Во меѓувреме, еколошки здруженија и активисти за вечерва во 19 часот во „Касарна Хаб“ организираат јавна средба посветена на проблемот со одлагањето на комуналниот отпад во Охрид со цел да се разговара за конкретни чекори и активности за што поскоро и трајно решавање на проблемот со депонијата

Во повикот објавен преку социјалните мрежи се наведува дека проблемот со депонијата „Буково“ одамна ги надминал рамките на управувањето со отпадот и се однесува и на квалитетот на воздухот, здравјето и иднината на градот.