Регион
Протест на сезонските пожарникари во Грција – бараат трајно вработување
Барање за трајно вработување и пополнување на како што велат, празнината што се создава во периодот од четири месеци кога не се ангажирани и можноста за нивно вклучување во превентивните активности, ги истакнаа сезонските пожарникари во Грција на денешниот протест во центарот на Атина, организиран од нивните здруженија, јави дописничката на МИА од Атина.
Сезонските пожарникари во Грција, како што објаснуваат за МИА, се ангажирани со осуммесечни договори за работа, а останатите четири месеци се невработени и посочуваат дека доколку нивното вработување стане трајно, можат да придонесат и во превенцијата од пожари.
Претседател на Грчкото здружение на сезонските пожарникари. Јоргос Целепис вели дека преку протестот го бараат „она што е основно и што се подразбира“.
Објаснува дека во моменти кога сите официјални лица, метеоролози и Националната опсерваторија во Атина зборуваат за климатска криза и климатски промени, „Министерството за климатска криза и цивилна заштита продолжува да ангажира сезонски персонал“.
– Незамисливо е во текот на четирите месеци, кога добиваме 600 евра надомест од фондот за невработени, да не бидеме на работа и да не учествуваме во превентивните активности. Во последните години вложувавме во гаснењето и справувањето со пожарите, а превенцијата ја оставивме на случајност, објасни Целепис.
Сезонските пожарникари се собраа на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, а добија поддршка и од нивните колеги што се вработени во противпожарната служба.
Претседателот на Грчкото здружение на пожарникари – шумски командоси Акис Бардакис за МИА објаснува дека во следните години во противпожарната служба се очекува да се пензионираат околу 4.000 лица, а сезонските пожарникари се околу 2.500.
– Сметаме дека работното искуство на сезонските пожарникари, стекнато низ сите овие години на терен во борбата против пожарите, е исклучително вредно. Покрај постојаниот персонал, имаме околу 2.500 сезонски пожарникари. Работат осум месеци во годината, а за преостанатите четири месеци, кога се отпуштени, добиваат надомест од фондот за невработени. Тука се создава еден парадокс: плаќате персонал преку фондот за невработени за практично да биде неактивен во текот на зимските месеци, додека би можеле да ги имате ангажирани во превенцијата во текот на целата година, посочува Бардакис.
Претставници на сезонските пожарникари нивните барања ги доставија до претседателот на Парламентот и до кабинетот на грчкиот премиер.
септември 1, 2026
