Вести
Стартува проектот Градски воз
Како што беше најавено, проектот “Градски воз” започнува официјално на првата од трите предвидени линии и тоа: Зелениково- Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче и Нова железничка станица Скопје.
Железници Инфраструктура за потребите на проектот “Градски воз” изврши целосна реконструкција на пругата за да го подигне нивото и капацитетот на брзина на оваа релација.
Сообраќајот на линијата Зелениково-Нова железничка станица Скопје ќе се реализира со три возови според точно утврден ред на возење кој го утврди МЖ Транспорт.
Проектот “Градски воз” е идеја на оваа Влада со цел граѓаните на Скопје како од приградските места, така и од централниот дел да добијат побрз, поефикасен и подостапен јавен градски превоз. Целта е периферните делови на Скопје да се поврзат со централното подрачје на Градот, што ќе значи поевтино патување, пократко патување, помалку чекање и побрз јавен транспорт.
Особено значајно е што проектот “Градски воз” се интегрира и со сообраќајниот ред на возење на ЈСП и на тој начин се добива еден квалитетен, интегриран и ефикасен јавен превоз за граѓаните, студентите и учениците.
Во тек се работи и на проектирање на втората и третата линија од Градски воз, односно едната од Нова железничка станица преку Бутел – Скопје-Север до Ѓорче Петров и другата од Нова железничка станица преку Автокоманда- Маџари до Илинден.
август 31, 2026
