Општини
Пробиштип го чествува празникот Голема Богородица, заштитничка на македонските рудари
Рударската општина Пробиштип го чествува големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“, а воедно и Денот на рударите и Денот на Општината. По тој повод изминатите денови имаше низа на спортски и културно-уметнички настани, а на свечената седница на Советот на општина Пробиштип беа доделени награди и признанија на ученици и граѓани за афирмација на рударската општина Пробиштип.
Градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски истакна дека Пробиштип е град кој низ децениите се менувал, растел и се развивал, но секогаш ја задржувал својата најголема вредност – луѓето кои живеат во него и кои со својот труд го градат неговото секојдневие и неговата иднина.
-Токму затоа, на свечената седница беа доделени награди и признанија на учениците и нивните ментори кои во изминатата учебна година постигнаа големи резултати и освоија високи места на државните натпревари. Исто така, беа доделени и златни плакети за особен придонес во развојот и афирмацијата на нашата општина. Им честитаме на сите наградени, им посакуваме уште поголеми успеси и во годините што доаѓаат. Нека е честит големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“, Денот на Општината и Денот на рударите. Среќно рудари – порача Тоневски.
Чествувањето на празникот Голема Богородица, која е заштитничка на македонските рудари продолжува и наредните денови, а денеска ќе се одигра финалето на турнирот во мал фудбал на ракометното игралиште со почеток од 18 часот. Вечерта продолжува со голема Музичка вечер на Градскиот плоштад каде ќе настапат: Мелани Тарчуловска, Madonna Tribute Band, Саша Ковачевиќ и DJ DUFF. Утре се организира детска забавна вечер со Дарко Ѓурчиновски и маскоти на Секундарниот плоштад од 19:00 часот. Во исто време на игралиштето во Градскиот парк ќе се одржи „Рудар рок фест“ со учество на познати имиња од земјата и странство.
В недела, 30 август ќе се одигра Финале на турнирот во тенис на Тениското игралиште во Градскиот парк со почеток од 17 часот, а програмата за одбележување на овој празник се затвара со настанот „Legovec Land“ на игралиштето во Градскиот парк со почеток во 20 часот.
август 28, 2026
