Општини
ЈП Комуналец: Водата од гостиварскиот водовод е безбедна за пиење
Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар информира дека последователните лабораториски анализи ја потврдуваат целосната безбедност на водата за пиење од јавната водоводна мрежа.
Информацијата ја базираат врз официјалните извештаи добиени од Центарот за јавно здравје Тетово – Подрачна единица Гостивар, анализираните мостри докажуваат дека водата ги исполнува сите физичко-хемиски и микробиолошки стандарди и е во целосна согласност со законските норми за квалитет и безбедност на водата за пиење.
– Испитувањата се извршени од Лабораторија 1103/2026, која е акредитирана според меѓународниот стандард MKC EN ISO/IEC 17025:2018 за хемиско и микробиолошко тестирање на храна и вода, наведуваат од ЈП „Комуналец“.
Од претпријатието кое стопанисува со водоснабдувањето во гостиварската општина, наведуваат дека мострите се земани од седум точки од дистрибутивната мрежа на различни локации: Бензинска пумпа „Макпетрол“ – Улица ЈНА, Брза помош – Општа болница, јавна чешма спроти Полициската станица, чешма кај гробиштата – село Долна Бањица, јавна чешма пред објектот на Општина Гостивар, чешма во џамијата – село Здуње, јавна чешма – населба Циглана.
– За сите горенаведени мостри, во однос на хигиенско-техничките карактеристики, констатирана е апсолутна усогласеност со утврдените критериуми за безбедно консумирање, велат од ЈП „Комуналец“.
Оттаму посочуваат дека следењето и контролата на квалитетот на водата ќе продолжи редовно, преку земање дневни мостри и ригорозни анализи, за да се гарантира непрекинато и безбедно снабдување за сите граѓани.
Во интерес на институционалната транспарентност и правилно информирање на јавноста, во прилог на соопштение, од комуналното претпријатие ги споделуваат и резултатите од лабораториските анализи на следниот линк.
август 28, 2026
