Вести
Мицкоски: Ова е новата нафта, остануваме на стратегијата за дата-центри, преговараме со 5-6 инвеститори
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со дата-центрите, истакна дека светот ова ќе го развива и прашање е ние дали ќе го препознаеме моментот ако сакаме да се развива државата, затоа Владата останува на оваа стратегија, но сè што се прави ќе биде јавно и транспарентно. Притоа додаде дека во моментот се преговара со 5-6 потенцијални инвеститори, од кои една е голема мултинационална компанија.
– За она што го коментира опозицијата, претпоставам дека кај нив работи Фројд и мислат дека како тие што се однесуваа кон државата и кон граѓаните, лажејќи ги, ограбувајќи ги, понижувајќи ги, така и сите се однесуваат. Ние немаме намера како Влада, и тоа сме го покажале во овие 25-26 месеци, ништо нема да правиме под маса, вие добро знаете дека секоја странска инвестиција или инвестиција која е стратешка ја објавуваме јавно, транспарентно и тука нема никаква дилема – вели премиерот Мицкоски.
Тој истакна дека она што во изминатите два-три дена се говори за дата-центрите како инженер се обидува да не го коментира бидејќи, како што рече, „она што го слушам претставува тотална невистина, незнаење, непознавање и понекогаш и се срамам што тие луѓе што ги испраќаат овие пораки имаат политичка тежина и водат политички партии“.
- Но нема да навлегувам во суштината бидејќи не заслужуваат суштински одговор на техничко ниво бидејќи манифестираат тотално непознавање. Замислете да не е вештачката интелигенција или податочните центри или дата-центрите, како би изгледал денеска бруто-домашниот производ (БДП) да речеме на Соединетите Американски Држави. Зарем Nvidia, Amazon, SpaceX, OpenAI, мултинационални глобални компании, чии брендови тежат трилиони, илјадници милијарди, би постоеле денеска ако на каков било начин тие го доведуваат во прашање квалитетот на животот на граѓаните. Така што, апсолутно остануваме на оваа стратегија како Влада, овие проекти, впрочем, се во таа насока преку гас да се изградат гасни централи, кои ќе произведуваат електрична енергија, која подоцна ќе се користи во овие дата-центри – рече Мицкоски.
Тој се осврна и на иницијативата за дата-центар во Пехчево, која е, вели, приватна иницијатива, односно предлог на нацрт-урбанистичкиот план, со кој нема ништо државата.
– Кога државата ќе прави или кога државата ќе фасилитира или ќе преземе институционален ризик за изградба на таков објект, јавно, транспарентно ќе дојдеме овде и ќе преговараме, еве јавно ви кажувам, со најмалку пет-шест потенцијални инвеститори. Меѓу нив е и голема мултинационална компанија и нема да отстапиме од тој пат ни милиметар – посочи Мицкоски.
Премиерот Мицкоски во одговорот на прашањето за изградбата на дата-центрите истакна дека кога во истата сала во Владата пред некое време говорел за семејните вредности и многудетните семејствата, исто така имало критики.
- Кога им велев дека за пет години 4.000 бебиња помалку се родиле, дека тоа се 200 празни училници, дека тоа се 200 училишта што треба да ги затвориме, ми викаа дека сум бил ретрограден, ме навредуваа… Денес, истите тие што тогаш правеа хистерија се соочуваат со тој болен факт дека имаме 200 паралелки помалку и тоа е вистина… Протестираа за хидроцентралите и така натаму, сега протестираат, не сакаат дата-центри. Тие во суштина не ја сакаат Македонија, не сакаат оваа држава да се развива. Треба да се соочиме со реалноста дека имаме политичари што се платени од граѓаните и тие не сакаат оваа држава да се развива, тие не ја сакаат државата, тие се сакаат себеси и привилегиите што потенцијално ги користат – изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски притоа истакна дека изградбата на дата-центрите е неповратен процес и ова е новата нафта, а ова е моментот што треба да го препознаеме ако сакаме да ја развиеме Македонија во богата европска држава.
– Ако сакаме ние да си ја развиеме земјата, ако сакаме да си ги вратиме младите однадвор тука, ова е патот, според мене. Јас не велам дека ќе се случи преку ноќ, но ова е патот, да ги создадеме условите инфраструктурни и да донесеме вакви инвеститори. Зарем сите овие милијардери, чии брендови во бизнисот тежат трилиони, ќе ги жртвуваат својот бизнис, репутацијата на бизнисот, па и својот личен имиџ и репутација ако тоа што го работат е штетно за луѓето. Не, нема да им растат акциите секој ден, туку ќе паѓаат – изјави премиерот Мицкоски по потпишувањето на договорот за реализација за интерконективниот гасовод Северна Македонија – Србија.
август 28, 2026
