Connect with us

Вести

Промовирана веб-страница со податоци за состојбата со западнонилската треска, ризичните подрачја и преземените активности

Министерот за здравство, Сашо Клековски денес одржа прес конференција на која информираше за последните новости за епидемијата на западнонилска треска.

– Во моментот има вкупно 53 пациенти кои прележале, имаат или се сомнителни за западнонилска треска, од кои 50 се потврдени, а тројца се сомнителни и се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Вкупно 52 пациенти се со невроинвазивна форма. Од Клиниката за инфективни болести 25 пациенти се излекувани и пуштени на домашно лекување, за жал, се евидентирани пет смртни случаи. Во моментот 21 пациент се хоспитализирани на Инфективната клиника, од кои шест се на интензивна нега, информираше министерот Клековски.

Тој истакна дека е издадено ажурирано упатство за лекарите на клиники, како и за матичните лекари да посветат внимание на пациентите со имуносупресивна терапија.

– Во однос на превентивните активности кои се преземаат, завршена е четвртата тура прскање против возрасни комарци во Скопје. Со цел навремено и транспарентно информирање на јавноста на оваа тема, подготвивме нова веб страница на МЗ и ИЈЗ за преглед на сите податоци од надлежните институции, приказ на ризични подрачја, кои превентивни активности се преземени во секое подрачје и сл. Во моментот се направени вонредни прскања против комарци по индикација во шест од ризичните подрачја, додека по 14 август, согласно претходниот пресек на состојбата се извршени вонредни – по индикации прскања во повеќе подрачја, меѓу кои Кисела Вода (Драчево), канали во Гази Баба, Зелениково, Студеничани, Бутел и Ѓорче Петров, додаде Клековски.