Connect with us

Вести

Почна изградбата на автопатот Скопје – Блаце – делницата од 10,5 км ќе има 5 тунели, 8 моста, 11 потпатници

Почна изградбата на втората фаза од автопатот Скопје–Блаце, во должина од 10,5 километри, која треба да биде завршена во рок од четири години. Делницата ќе се протега од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце и ќе се поврзе со веќе изградените 1,5 километар автопат во близина на границата со Косово, пренесе МИА.

Проектот е сложен поради теренот и предвидува изградба на 5 тунели, 8 моста, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕидови, односно повеќе од 40 различни објекти. Автопатот ќе има две коловозни ленти со по две сообраќајни ленти и лента за застанување, со вкупна ширина од 27,5 метри. Градежните работи ќе ги изведува домашната компанија „Гранит“ АД Скопје.

За реализацијата на проектот се обезбедени 167,6 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој, 30,82 милиони евра грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан, како и средства од ЈПДП за експропријација и грант-средства за проектантите.

Премиерот Христијан Мицкоски почетокот на изградбата го оцени како историски момент, нагласувајќи дека проектот со години бил најавуван, а сега конечно започнува да се реализира. Според него, автопатот ќе придонесе за подобро поврзување и транспорт меѓу Македонија и Косово и ќе ја зајакне позицијата на земјата како крстосница на европските коридори 8 и 10.

Косовскиот премиер Аљбин Курти оцени дека автопатот ќе претставува модерна инфраструктурна врска меѓу двете земји, со која ќе се скрати времето на патување, ќе се олесни протокот на луѓе и стока и ќе се отворат нови можности за економска соработка.

Министерот за транспорт Александар Николоски посочи дека со изградбата ќе се создаде целосно автопатско поврзување меѓу Скопје и Приштина, но и дополнителна врска кон пристаништата Драч и Бар. Според него, ова е дел од визијата Македонија да стане инфраструктурно срце на Балканот.

Постојниот пат Скопје–Блаце ќе остане во употреба како алтернативна сообраќајна врска за локалното население и останатите граѓани. Новиот автопат треба да овозможи побрзо и побезбедно патување, подобар транспорт и пониски трошоци за одржување на возилата, како и подобра регионална економска поврзаност.

Проектот е поддржан и од Европската унија и ЕБОР, кои го оценуваат како важна инвестиција за подобро поврзување на Западен Балкан со европската транспортна мрежа и за зголемување на конкурентноста на регионот.