Connect with us

Регион

Продолжува протестот на ПДК и ААК пред косовската влада

Пратениците од Демократска партија на Косово (ПДК) и денеска протестираат пред Владата и бараат в.д. премиерот Албин Курти да го продолжи процесот на конституирање на Собранието.

На протестот се придружија и пратениците од Алијансата за иднина на Косово (ААК), како и одборниците и активистите од Косовска Митровица.

Пратениците од ПДК веќе неколку дена протестираат пред владата на Косово поради извршување на премиерската функција од Курти и бараат „функционирање на институциите“, како и продолжување на конститутивната седница на собранието.

Претходно, ААК поднесе кривична пријава до Специјалното обвинителство поради 17 одлуки на косовската влада со технички мандат за именување на комисии за именување на високи државни службеници.

Според ААК, владата со технички мандат нема легитимитет за преземање на такви постапки.

Меѓу спорните одлуки донесени на 12 август е и одлуката за именување на Комисијата за прием за позицијата заменик-генерален директор во Државната агенција за архиви, како и именувањето на генерален секретар во Министерството за здравство.

Владата, исто така, именуваше комисии за избор на кандидати за позицијата извршен директор во Инспекторатот на Министерството за правда, Агенцијата за бесплатна правна помош и позицијата генерален директор во Агенцијата за управување со запленет или конфискуван имот.