Вести
Вештачење на одбраната за „Онкологија“: Во лекувањето на одредени пациенти учествувале од три до шест или осум стручни медицински лица, не може да се бара индивидуална одговорност
Во лекувањето на дел од пациентите во случајот „Онкологија“ учествувале повеќе медицински лица, поради што не може да се бара индивидуална одговорност за целиот процес на лекување, истакна техничкиот советник на првообвинетиот Нино Васев, доктор Владимир Даниловски, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, пренесе МИА.
Даниловски, одговарајќи на прашања од одбраната, посочи дека кај одредени пациенти во лекувањето учествувале од три до шест лекари, а во некои случаи и до осум стручни медицински лица. Според него, поради тоа лекувањето не може да се анализира изолирано, туку треба да се процени уделот на секој од онколозите кои биле вклучени во третманот.
Тој истакна и дека при дополнителниот увид во медицинската документација утврдил дека вештото лице на Обвинителството, доктор Маја Радник од Словенија, немало на располагање целосна документација за лекувањето на повеќе пациенти.
Како пример го посочи пациент за кого биле достапни 165 документи поврзани со примената на терапија, од кои на вештото лице, според него, му биле доставени само 60. Кај друг пациент, пак, не била доставена документацијата за целиот 11-годишен период на лекување, туку само за последните неколку месеци.
Даниловски нагласи дека терапевтските одлуки не биле изолирани одлуки на еден лекар, туку дел од континуиран клинички процес во кој учествувале повеќе онколози.
Во однос на конкретен пациент, тој потврди дека доктор Никола Васев применил една од терапиите што вештото лице ја означува како спорна, но посочи дека истата терапија потоа била продолжена и од друг онколог.
Според Даниловски, подолгото преживување на пациентите не оди во прилог на тврдењето дека применетата терапија била штетна или довела до токсични реакции, оштетување на органи и скратување на животниот век.
За пациентите чие лекување било предмет на вештачење, тој оцени дека не е докажана директна причинско-последична врска меѓу конкретното постапување на Васев, применетата терапија и исходот кај пациентите.
Одбраната посочи дека од 31 пациент кои му се ставаат на товар на Нино Васев, тој учествувал во лекувањето на шест. Дополнително, од вкупно 35 лекари на Клиниката за онкологија, во лекувањето на овие пациенти учествувале 28 лекари.
Бранителот на Васев, адвокатот Боби Спирковски, изјави дека второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна од две години, учествувала во лекувањето на 22 од пациентите и ќе биде повикана како сведок.
На денешното рочиште судот ги прифати и вештачењата изработени од доктор Марија Здравевска, предложени од одбраната на Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски.
Во случајот се обвинети поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски за несовесно лекување пациенти. Обвинението ги товари за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај вкупно 47 пациенти наводно биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.
Постапката претходно се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина за злоупотреба на печатите и беше осудена на две години условна казна затвор.
август 26, 2026
