Скопје
Ѓорѓиевски: Нови и модерни спортски терени во средните училишта во Скопје
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски објави фотографии од нови спортски терени во средните училишта во Скопје. Тој наведе дека секој нов терен е дополнителен мотив да продолжиме уште посилно, затоа што нема поважна инвестиција од онаа во здравјето, развојот и иднината на младите.
-Посебна гордост е кога визијата што ја имаме за младите добива вистинска форма и станува реалност. Создаваме современи и безбедни услови што ќе ги поттикнат средношколците да спортуваат, да развиваат здрави навики и правилно да го користат своето слободно време, наведе Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.
Тој посочува дека новите спортски терени се изведени со висококвалитетни и издржливи полипропиленски подови, од ист тип како оние што се користеа на Летните олимписки игри во 2024 година.
-Тоа значи поголема безбедност, долготрајност и професионални услови за тренинг, игра и натпреварување. Спортот создава дисциплина, самодоверба, истрајност, тимски дух и силен карактер. Токму затоа, продолжуваме континуирано да ја развиваме и унапредуваме спортската инфраструктура во училиштата и низ целото Скопје. Градиме терени на кои ќе растат нови генерации, ќе се создаваат пријателства и ќе се раѓаат идни шампиони. Затоа што младите го заслужуваат најдоброто!, истакнува Ѓорѓиевски во објавата.
август 25, 2026
