Connect with us

Регион

Мицотакис: Областите под грчки суверенитет се неоспорни, подготвени сме да ги браниме во секој момент

Во врска со некои реакции што ги видовме од исток, што следуваат по наши активности, само една работа ќе кажам: воопшто не влијаат врз нашето планирање. Областите под грчки суверенитет се неоспорни, подготвени сме да ги браниме во секој момент, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, во однос на реакциите од Турција по презентирањето на грчката специјална просторна рамка за обновливи извори на енергија и туризам, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис уште еднаш повтори дека сакаат добрососедски односи со Турција, но и дека со Турција не разговараат за ништо друго, „освен за одредување на континенталниот гребен и на Ексклузивната економска зона во Егејското Море и Источниот Медитеран“.

Со оглед на тоа што владината седница е прва по летните одмори, грчкиот премиер се осврна на низа актуелни теми во земјата.

Рече дека за помалку од две седмици, односно на 5 септември на Меѓународниот саем во Солун, ќе ги презентираат економските оски на владината политика за следната година, а со оглед на тоа што ќе биде и последен саем пред изборите во 2027 година, „ќе биде и можност да започнеме со претставување на патоказот на земјата кон 2030 година“.

Во однос на одлуката предвремено да се исплатат речиси 13 милијарди евра од јавниот долг, посочи дека со тоа новата генерација „се ослободува од товарите на претходните генерации“.

– За првпат од почетокот на 80-тите години, и вреди да се потсетиме кога всушност започна значително да расте јавниот долг, имаме Влада која стабилно го намалува, со таква динамика што многу наскоро повеќе нема да бидеме најзадолжена земја во Европа. Понекогаш ѝ се чудам за неодговорност на некои кои одбираат националниот успех да го сведат на предмет на партиско препукување, во време кога Грција се задолжува по пониски каматни стапки од земји како Франција и Италија, рече Мицотакис, додавајќи дека одлуката континуирано да го намалуваат јавниот долг значи одговорност и кон идните генерации.