Регион
Монстат: Околу 35 отсто од децата во Црна Гора се соочуваат со ризик од сиромаштија или социјална исклученост
Секое четврто дете во Црна Гора е во ризик од сиромаштија, што значи дека бројни семејства и пред почетокот на новата учебна година се соочуваат со сериозен недостиг на финансии за облека, обувки, храна и училиштен прибор. Тоа значи дека за дел од нив ниту додатокот од околу 30 евра не е доволен за секојдневна ужина на детето бидејќи не можат да си дозволат ниту кифла со млеко, информира денеска „Дан“.
Бројни црногорски семејства немаат доволно средства да го поминат месецот и за нив новата учебна година претставува посебен финансиски и психолошки товар, бидејќи покрај учебниците треба да се обезбедат и училиштен прибор, облека, обувки и други неопходни работи. Дополнителен проблем е што истиот период мора да се подготват и за есенските и зимските денови со обезбедување огрев и зимница, како и потопла облека и обувки, што претставува дополнителен удар врз и онака ограничениот семеен буџет.
Новата учебна година мајмногу им отежнува на побројните семејства со минимални примања, како што се социјалните случаи со паричен надоместок од околу 190 евра, што е приближно половина од просечната кирија во Црна Гора. Претседателката на фондацијата „Банка за храна“, Марина Медеовиќ, предупредува дека бесплатните учебници за учениците во основно образование се од голема помош, но не ги покриваат сите трошоци поврзани со школувањето.
– Почетокот на учебната година за социјално загрозените семејства претставува сериозен финансиски и психолошки предизвик. Бесплатните учебници за учениците од основните училишта се значајна мерка, но на детето за училиште не му се потребни само учебници. Потребно е да се обезбедат училиштен прибор, тетратки, чанти, обувки и облека, опрема за физичко воспитување и спорт, пари за воннаставни активности, излети и други училишни обврски, изјави Медеовиќ за „Дан“, посочувајќи дека за семејствата кои едвај успеваат да ги покријат трошоците за храна, сметки и домување секој дополнителен трошок претставува сериозен проблем.
Според неа, ситуацијата дополнително ја отежнува фактот што почетокот на учебната година доаѓа во период кога семејствата истовремено мора да размислуваат и за подготовка за есента и зимата, што подразбира набавка на дрва за греење, облека и обувки за постудените денови и други неопходни трошоци.
– За многу семејства прашањето не е како на децата да им се овозможат подобри услови за школување, туку како воопшто да се обезбеди она најосновното, додаде Медеовиќ, земајќи ги предвид податоците од Заводот за статистика на Црна Гора, „Монстат“ кои покажуваат колку домаќинствата се ранливи на ненадејни трошоци.
Проблемот, според неа, особено ги погодува невработените, самохраните родители и побројните семејства со минимални примања.
– Фактот што немаме прецизен податок за тоа колку деца и семејства не можат да ги обезбедат основните училишни потреби покажува колку внимание им пружа Министерството за социјална работа и политика на оваа група граѓани, вели Медеовиќ, додавајќи дека повеќе ја загрижува што повеќе од една четвртина од децата во Црна Гора се во ризик од сиромаштија или околу 35 отсто. Тука спаѓаат децата кои на училиште доаѓаат недоволно нахранети, со несоодветни обувки, без комплетен прибор или без можност да учествуваат во активности кои им се достапни на нивните врсници.
„Граѓаните сè почесто земаат кредити за да ги покријат тековните животни трошоци, што претставува уште еден загрижувачки тренд, напомнуваат од фондацијата „Банка за храна“
Медеовиќ предупредува дека доколку ненаменските кредити се користат за купување храна, плаќање сметки, лекови, школување на децата и други основни потреби, тоа не може да се смета за показател на економски напредок.
– Ако кредитите се користат за храна, сметки, лекови, школување на децата и други основни потреби, тоа не е знак на економски раст, туку предупредување дека дел од граѓаните повеќе немаат доволно приходи за достоинствен живот, заклучи таа.
август 25, 2026
