Connect with us

Регион

Грција го префрла противракетниот систем „Патриот“ од островот Карпатос на островот Крит

Противракетниот систем „Патриот“, што на почетокот на март годинава беше распореден на островот Карпатос, од вчера се префрла на островот Крит во воената база Суда, што според министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, е „исклучиво оперативно прашање по препорака од ГШ на националната одбрана“ – јави дописничката на МИА од Атина.

По натписот во „Фајненшл тајмс“ од минатата седмица дека иранските сили ја разгледуваат можноста за напад врз американски воени цели во југоисточна Европа како одговор во случај на нов напад од САД, извори од Министерството за одбрана на Грција за грчките медиуми брифираа дека меѓу сценаријата на Атина е и можноста, доколку биде потребно, грчкиот противракетен систем „Патриот“ од островот Карпатос да биде преместена во воената база во Суда на Крит.

Грчките медиуми објавија дека вчераутро почнало префрлањето, а шефот на грчката дипломатија во интервју за телевизијата „Опен“ претпладнево порача дека Грција ја заштитува целата своја територија и има создадено безбедносен чадор, но и нагласи дека земјата „првпат, од клиент што бара безбедност, прерасна во давател на безбедносни услуги“.

Друг ваков грчки противракетен систем од 2021 година е распореден во Саудиска Арабија со одлука на владиниот Совет за надворешна политика и одбрана и во рамките на билатералниот договор меѓу двете земји, а досега има интервенирано при ракетни напади, додека медиумите во Грција отворија дискусија дали треба овој систем да се врати назад во земјата.

Герапетритис во интервјуто објасни дека тоа е оперативно прашање и е поврзано со геостратешките односи што Грција ги има со Саудиска Арабија, сепак посочи дека доколу се оцени дека е неопходно, противракетните системи ќе се вратат во земјата.

– Ние ги земаме предвид сите случувања, но она што нас нè засега е заштитата на националните интереси. Доколку процениме дека е неопходно да се врати грчкиот противракетен систем, ќе го сториме тоа. Доколку процениме дека нашите потреби налагаат да остане таму како од геополитички и дипломатски така и од оперативни причини, ќе остане таму. Но, овие прашања се исклучиво оперативни – објасни Герапетритис.

По натписот во „Фајненшл тајмс“, истите извори од Министерството за одбрана на Грција минатата седмица посочија дека се разгледува и можноста Грција да ѝ помогне на Бугарија во зајакнувањето на нејзината противвоздушна и противбалистичка заштита со обезбедување „Патриот“, во случај да биде упатено такво барање и доколку тоа биде одобрено од владиниот советот за национална безбедност.

Паралелно, по нападот со дрон во март годинава врз британска воена база во близина на градот Лимасол на Кипар, Грција испрати четири „Ф-16“ и една фрегата, кои остануваат на островот.