Свет
САД откажаа планирана воена вежба со Јужна Кореја поради ограничената достапност на американските воени ресурси
САД ја откажаа заедничката воена вежба за амфибиски операции со Јужна Кореја, планирана за следниот месец, соопшти денеска јужнокорејската војска откако Вашингтон наведе ограничена достапност на американските сили поради војната во Иран.
САД во јуни официјално ја известиле Јужна Кореја дека достапноста на американските сили за вежбата ќе биде ограничена, соопшти портпаролот на јужнокорејскиот марински корпус.
Во тек се консултации за евентуално продолжување на вежбите, додаде тој, без да прецизира кои мерки би можеле да бидат преземени за да се спречат идни откажувања или да се надомести пропуштената воена вежба.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна нареди намалување на обемот на годишните редовни заеднички воени маневри со Јужна Кореја, што завршија во петокот. Како причини тој ги наведе трошоците и одбивањето на Сеул да учествува во војната против Иран.
Трамп на својата платформа „Трут соушл“ напиша дека вежбите „испратиле целосно несоодветна и непријателска порака“ до Северна Кореја која, според него, откако тој е претседател „не претставува закана и се однесува со почит“.
Пјонгјанг минатата недела истрела десет балистички ракети со краток дострел и ги осуди заедничките американско-јужнокорејски воени вежби. Северна Кореја долго време ги смета таквите маневри на двете армии како подготовки за инвазија.
август 25, 2026
