Свет
Порастот на водостојот на Рајна овозможи повторно да сообраќаат траектите во Германија
Порастот на водостојот на реката Рајна овозможи повторно да сообраќаат траекти во Германија, по прекин од 29 дена поради историски ниските нивоа на водата, објави ДПА.
Автомобилскиот траект меѓу Диселдорф и Зонс повторно сообраќа, откако беше во прекин поради сушата и екстремно нискиот водостој. Операторот Јенс Јансен изјави дека прекинот предизвикал значителни економски штети, оттаму што најголемиот дел од приходите се остваруваат во пролетните и летните месеци.
Обилните врнежи во последните денови, особено во јужна Германија, доведоа до благо зголемување на водостојот на Рајна. Фериботот „Вајс“ во Келн продолжи со работа вчера, додека траектите во Бад Хонеф и Кауб повторно почнаа да превезуваат патници во четвртокот.
Сепак, на делови од Рајна се уште на сила се ограничувања, така што се уште не е дозволен превоз на кампери и возила со приколки.
Иако водостојот значително се зголеми, тој и натаму е далеку под просечното ниво и недоволен за пловидба на целосно натоварени товарни бродови.
Германската централна банка „Бундесбанк“ претходно предупреди дека ниските водостои на германските реки го забавуваат транспортот на стоки, ги зголемуваат транспортните трошоци и предизвикуваат доцнење на испораките и проблеми во производството, што би можело да го отежне економското закрепнување на земјата.
август 23, 2026
