Connect with us

Регион

Во првата половина од годинава Грција ја посетиле 13,5 милиони туристи, а приходите за земјата изнесуваат 8,8 милијарди евра

За околу 15 отсто се зголемиле приходите од туризмот во Грција, но и бројот на посетители на земјата во првата половина од 2026 година, споредбено со истиот период лани, покажуваат податоците од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во периодот од јануари до јуни годинава, Грција ја посетиле 13,49 милиони туристи, наспроти 11,69 милион лани, што е зголемување за 15,4 отсто.

Пристигнувањата преку копнените гранични премини се за 49,3 проценти зголемени, а преку аеродромите за 7,3 отсто. 

Од земјите-членки на ЕУ, Грција ја посетиле 7,6 милиони туристи (зголемување за 19,3 проценти во споредба со истиот период лани), додека од останатите земји има зголемување за 10,7 проценти, достигнувајќи до 5,8 милиони посетители.

Приходите од туризмот, бележат раст од 14,8 отсто во споредба со истиот период во 2025 година, достигнувајќи 8,8 милијарди евра, пораст што се должи како на зголемените приходи и од жители на земјите од ЕУ, за 10,7 проценти и изнесуваат 4,5 милијарди евра, така и на зголемувањето на приходите од жители на останатите земји за 19,7 проценти кои изнесуваа 3,9 милијарди евра.

Минатата година беше рекордна за грчкиот туризам со речиси 38 милиони туристи, за 5,6 отсто повеќе од 2024 година, а приходите за Грција од туризмот беа зголемени за 9,4 проценти и достигнаа 23,6 милијарди евра.