Свет
Сеул ја тестира арктичката морска рута до Европа, Западот загрижен поради соработката со Москва
Јужна Кореја в сабота ќе испрати контејнерски брод кон Европа преку Арктикот, тестирајќи дали рутата отворена поради топењето на морскиот мраз може да биде комерцијално исплатлива, но истовремено ризикува незадоволство кај западните сојузници бидејќи за патувањето неопходна е соработка со Русија.
Доколку биде успешно, патувањето ќе биде прво такво комерцијално патување за Јужна Кореја до Европа преку Арктикот. Со тоа таа, заедно со Кина и Русија, би се вброила меѓу ретките земји чии бродски компании ја тестирале или извршувале товарен транспорт по оваа рута.
Пловејќи северно од пристаништето Бусан, бродот „Панстар акро“ ќе застане во Феликстоу во Велика Британија, Ротердам во Холандија и Гдањск во Полска, пред да се врати назад. Се очекува целата пловидба да трае од 40 до 45 дена, соопшти неговиот оператор „Панстар“.
„Во септември, кога главно ќе се одвива ова патување, арктичкиот морски мраз е на најниско ниво во годината, што овозможува побезбедна пловидба“, наведуваат од компанијата.
Претседателот на Јужна Кореја Ли Џе-мјунг му даде приоритет на арктичкиот поморски транспорт, а официјалните лица сметаат дека тоа би можело да помогне пристаништето Бусан да се трансформира во глобален поморски центар, со цел Арктикот да се позиционира како редовна трговска рута до 2030 година.
Сепак, западните дипломати изразија незадоволство од планот бидејќи тој бара од Сеул да се консултира со Русија и да побара дозволи за патувањето.
„Сакаме да ја изолираме Русија, не сакаме соработка со неа“, изјави за Ројтерс европски дипломат, повикувајќи се на војната во Украина и додавајќи дека оваа загриженост веќе им била пренесена на јужнокорејските власти, пренесува Бета.
Експертите за арктички поморски транспорт исто така предупредуваат дека Јужна Кореја би можела да се соочи со ризик од прекршување на санкциите доколку на бродот му биде потребна асистенција од Русија во случај на неочекувани проблеми, како што е заглавување во мраз.
Побрзото топење на арктичкиот мраз, што му се припишува на глобалното затоплување, го направи овој Северна морски пат поизводлив за пловидба во летниот период. Според податоците на норвешката фондација Центар за логистика на Далечниот Север, сообраќајот по оваа рута бележи континуиран раст – минатата година 88 бродови реализирале 103 транзити, во споредба со 97 во 2024 година и 43 во 2022 година, од кои мнозинството биле од Русија и Кина.
август 21, 2026
