Регион
Хрватската полиција уапси косовски државјанин баран од Србија за воени злосторства
Хрватската полиција денеска уапси државјанин на Косово, за когошто е распишана меѓународна потерница поради сомнение дека извршил воени злосторства, објави весникот на албански јазик „Сињали“.
Мажот бил уапсен при обид да ја премине границата на граничниот премин „Карасовиќи – Дебели Бријег“ меѓу Хрватска и Црна Гора.
Според хрватскиот портал „Дубровачки дневник“, 49-годишниот маж се обидел да ја премине границата со автомобил со германски регистарски таблички. При проверката, граничната полиција утврдила дека тој е баран со меѓународна потерница издадена на барање на Србија, по што бил уапсен.
Според хрватските медиуми, косовскиот државјанин Белград го обвинува за воени злосторства врз цивилното население за време на војната во Косово од 1998 до 1999 година. Меѓународната потерница по него била распишана во 2024 година.
Окружниот суд во Дубровник започна постапка за екстрадиција на косовскиот државјанин. Тој во следните 40 дена ќе биде во екстрадициски притвор, а во тој период српските власти треба да ја достават целосната документација за случајот за да побараат негово предавање.
август 20, 2026
