Вести
Мацинка: Масовната миграција е една од најголемите закани за внатрешната безбедност на секоја земја
Масовната миграција е една од најголемите закани за внатрешната безбедност на секоја земја – оцени денеска чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка нагласувајќи дека Скопје и Прага имаат сличен пристап кон тоа прашање.
Мацинка на заедничката прес-конференција во Охрид со својот домаќин, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во Охрид истакна дека миграцијата е проблем што ја погоди Европа, при што Чешка, како што рече, има стриктен став кон справувањето со овој предизвик.
„Ние гледаме исто на тоа дека проблематиката на масовната миграција е една од најголемите закани за внатрешната безбедност на секоја земја. Тоа не е нешто природно и драго ми е што Македонија во суштина пристапува кон ова прашање на сличен начин“, рече Мацинка.
Тој нагласи дека земјата е меѓу државите што се погодени или може да бидат погодени од миграциските текови поради што е потребна меѓусебна соработка.
„Затоа е потребно да се познаваме меѓусебно и да соработуваме бидејќи тоа не е само прашање на Македонија, туку е прашање и на цела Европа, а со тоа и на Чешката Република“, рече чешкиот министер.
Мацинка додаде дека чешки полицајци и други службеници веќе биле вклучени во активности во регионот, што, според него, претставува дел од соработката во справувањето со миграцискиот предизвик.
август 20, 2026
