Скопје
Димитровски: Ја враќаме 37-цата на улиците, ќе вози по нова траса до Карпош
Главниот град добива нова автобуска линија во јавниот превоз. Станува збор за линијата со број 37, која ќе сообраќа од населбата Радишани до Карпош, информираше претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски.
-Оваа стара табла со бројот 37 е вистински a blast from the past за многумина скопјани кои помнат некои поинакви времиња во нашиот град. Сепак, денес овој познат број добива сосема ново, модерно и практично значење. Во координација со градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и Општина Бутел, ја враќаме 37-цата на улиците – напиша Димитровски на Фејсбук.
Новата траса е дизајнирана за првпат да го искористи булеварот „Словенечка“, овозможувајќи им на жителите од Бутел и Радишани директно поврзување со средните училишта во Карпош, како и со трговскиот центар „Скопје Сити Мол“. Проектот се реализира во координација меѓу Градот Скопје и Општина Бутел.
Како што посочува Димитровски, линијата почнува со тест-период со промотивен капацитет во текот на летово, со цел патниците навреме да се запознаат со распоредот на возење, додека од 1 септември 37-цата ќе почне да сообраќа со целосен капацитет и редовен возен ред.
Димитровски истакна дека враќањето на овој препознатлив број претставува спој меѓу скопската традиција и современите потреби за градење поквалитетна сообраќајна мрежа во градот.
-Секоја голема победа почнува со мали чекори, а овој проект е совршен спој меѓу скопските спомени и современата мобилност што ја ветивме во програмата и моите 9 темелни политики. За Скопје што се движи, за Скопје какво што го сакаме! – посочува Димитровски во објавата на Фејсбук.
август 20, 2026
